Фото: Маја Јаневска-Илиева

Божо Вреќо, автентичниот пејач и изведувач од Босна и Херцеговина, кој со својот особен стил ги донесува традиционалните севдалинки, својот прв концерт во Скопје ќе го одржи на 23. месецов, во МОБ. Концертот почнува во 19.30 часот, а е во организација на продукцијата „Авалон“.

Вреќо (36) го сметаат за музички феномен на балканските простори и пошироко, „Њујорк тајмс“ го нарече принц на севдахот, а го нарекуваат и пејач со ангелски глас. Тој ѝ припаѓа на новата генерација автори што ја оживуваат традицијата, но во правец на андерграунд, што беше незамисливо досега. Пред полни сали настапува низ целиот свет, а во Скопје доаѓа по скандинавската турнеја, по што следуваат и гостувања во САД, Канада и во Австралија.

– Чувствувам голема возбуда пред концертот во Скопје. Пред две години бев во Битола и беше прекрасно. Таму првпат се запознав со членовите на групата „Љубојна“, со Оливер и со Вера, кои со мене ќе ја делат сцената и на скопскиот концерт. Во мојот оркестар овој пат се и Игор Милевски, на виолина, Кадир Догани од Турција, перкусионист и тапанар, Марко Николиќ, Демер Кантуровски со кого соработувам долго време, Благојче Трајковски… Сите сме интимна екипа, која прекрасно пулсира. Да се биде во Скопје со такви луѓе е големо задоволство – вели Божо Вреќо.

Пред скопската публика тој ќе изведе нумери од претходните четири албуми, а во март ќе излезе и нов носач на звук, што го реализира во соработка со Един Карамазов, на кој ќе се најдат и две македонски песни.