Војводата и војвотката од Кембриџ излегоа од дома првпат по интервјуто на Сасексови и беа во посета на училиште во источен Лондон.

Експлозивното интервју на Хари и Меган прво емитувано во САД , а потоа во Велика Британија, предизвика шок во палатата, коментираат британски весници, додавајќи дека двојката изнесе низа високонапонски обвинувања кои го натераа кралското семејство на кризни преговори.

Во посета на училиште во источен Лондон денес, на 11 март, војводата Вилијам даде куса изјава по инсистирање на еден новинар.

– Можете ли само да ми кажете дали кралското семејство е расистичко семејство господине? – го прашал новинарот. Ние воопшто не сме расистичко семејство, одговори војводата.

Принцот откри дека уште не разговарал со неговиот брат, војводата од Сасекс, од интервјуто, но има намера да го стори тоа. Тоа беше првпат војводата и војвотката од Кембриџ да излезат во јавност оваа недела.

Бакингемската палата даде изјава во вторникот попладне. Според „Тајмс“, кралицата во понеделникот одбила да ја потпише подготвената изјава во која се наведува „официјалните лица се надеваат дека ќе ги намалат тензиите со истакнување на семејна љубов и грижа кон парот.“

– Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат многу сакани членови на семејството – стои во подготвената изјава која сè уште не е потпишана од кралицата. Наводно, ѝ требало повеќе време да размисли за својот одговор.