Експертите за говорот на телото тврдат дека при првото јавно појавување по интервјуто на Хари и Меган, принцот Вилијам покажал желба да ја задржи контролата, но и дека поседува силни емоции.

Тој не само што ги игнорирал прашањата од новинарите како неговиот татко Чарлс туку се свртел и јасно кажал: „Ние не сме расистичко семејство“, пренесуваат британските медиуми.

– Се чинеше дека тој сакаше, како што направи татко му Чарлс, само да продолжи без коментар, но неговата потреба да одговори на прашањето беше посилна од тоа. Дури и преку маската се слушна нешто како кратко иронично смеење – изјави експертот Џуди Џејмс.

Таа вели дека најсилниот сигнал што го видела кај Кејт и Вилијам е дека и двајцата зазеле ист став давајќи им до знаење на сите дека се согласуваат во мислењето и дека се емоционално и интелектуално поврзани.

Вилијам беше првиот член на кралското семејство што одговори на обвинувањата за расизам, а исто така откри дека досега не се чул со својот брат.

– По тој повод, тој ја наведна главата, но ја подигна едната веѓа, а во неговите очи се виде насмевка кога додаде дека има намера да го стори тоа. Брзината со која тој реагира открива силни емоции иако се обидува да ги прикрие, тој постапува цврсто, но истовремено и попустливо, како голем брат кој сака да разговара со помлад брат по прекршувањето некои домашни правила – објаснува Џејмс.