Поставувајќи безброј морални прашања, Принс се бореше против расизмот, секогаш одеше по патот на креативноста, естетската хармонија и графичката интертекстуалност

За напредокот на поп-музиката во 1980-тите години од 20 век, пресудно влијание имаа развојот на новите технологии (семплери, секвенцери), основањето на музичката телевизија Ем-ти-ви, неповторливиот Мајкл Џексон со албумот „Thriller“ и мултиинструменталистот Принс (Prince), кој доживеа светска слава со филмската музика за „Purple Rain“ (1984 г.).
Ова е музичката приказна за Принс, кој е главен музички иноватор и креативец заслужен за новиот третман на поп-музиката. Тој е текстописец, пејач, гитарист-виртуоз, мултиинструменталист, композитор, актер, режисер, аранжер, музички продуцент и што ли уште не. Неговата музичка палета покрива голем број музички жанрови, како фанк, соул, ритам и блуз, рок, поп, њувејв, џез, авангард, хипхоп, фолк и електронска музика.

Како му успева сето ова? Создавајќи софистицирани денспоп-мелодии, со мала рок-агресивност, пеејќи лирски теми, најчесто за љубов, честопати визуализирани со сензуални танци и со скапи музички видеа. Важи за еден од најзначајните Афроамериканци во 1980-тите, кој на музиката ѝ даде нова енергија, свежина, сценска драматургија, привлечност, до ниво на заводливост. Фанк-легенда уште за време на животот. Најмистериозна појава на музичката сцена. Го нарекуваа Пурпурниот, Симбол, Неговото кралско зло… Откако се појави, па до крајот на животот, секогаш иконокластичен, никогаш здодевен. Во однесувањето ексцентричен, на сцената провокативен.

Потврди, колку сакаш: албумите, 36 на број, за мене најдобри „Dirty Mind“(прв голем албум на Принс, со провокации, синти-фанк, њувејв и поп, 1980 г.), „1999“ (албум со брилијантна музика, текстови опседнати со сексуалност, мачо-став на голем љубовник, 1982 г.), „Purpur rain“ (епски албум со музика од друга галаксија, 1984 г.), „Parade“ (микс од фанк, рок и поп-психоделија, допрени од благороден џез, 1986 г.), „Sing ‘O’ the Times“ (музика посветена на љубовта, идентитетот, религијата и сексот, 1987 г.), „Live Symbol Album“ (концепт-албум, добар фанки-звук, 1992 г.), „The Truth“ (само Принс и акустична гитара, 1998 г.); и песните, за кои има нешто повеќе, подолу во текстот.

Да се потсетиме: Принс дојде од светот на кој денес ретко кој се сеќава. Свет на глад, сивило, немаштија. Целата негова борба се сведуваше да биде свој. Работите ги правеше само на нему својствен начин. Начинот на кој изгледаше беше само негов, начинот на кој се движеше беше единствен, начинот на кој пееше беше непознат дотогаш. Го менуваше светот, а и себе самиот, на начин на кој работите не можеа да се вратат назад. Тогаш светот беше длабински обележен со расни предрасуди, во кои самата идеја за црнец како претседател на САД беше научна фантастика. Но Принс не сакаше да биде претседател кога веќе беше принц. И навистина беше принц на музичките балади од тоа време. Беше најголем. Кога е во прашање историјата на рокенролот, една од најубавите и најсензуални балади е неговата „Purple Rain“.

Првпат го видов да ја изведува во живо на една снимка од концерт, каде што тој носеше шарена кожена јакна, а ла Џими Хендрикс, имаше фризура како Литл Ричард, носеше високи потпетици„стилето“ и свиреше на чудна електрична гитара. Изгледаше како целиот да е составен од визуелни цитати. Од првиот тон песната ја пееше така што динамички и драмски растеше со секој нареден тон, создавајќи една фантастична, едвај издржлива тензија. Секој следен стих го доведуваше до експлозија на рефренот од два збора во шест ноти: „Purple rain, Purple rain….“, почнува ниско, како баритон, за да се издигне во рефренот високо – до вресок. Не знам зошто, ама мислам дека Принс оваа песна ја пее ритуално и секогаш на посебен начин.

Како сега ја гледам сликата од неговиот концерт во јули 2010 година во Париз: сите во салата се на колена, задоволни, благодарни… почнуваат првите магични акорди на култната песна „Purple Rain“, чиј рефрен тој го преправа во „Ново утро“ (шест часот наутро, а концертот уште трае)… Целата сала пее како еден…. момент кога времето чиниш стои. Тоа е нешто најдобро што може да го изнедри музиката, најинвентивно и фанки, уште од онаа прва средба со него од далечната 1984 година, кога го видовме во истоимениот филм „Пурпурен дожд“, уште од таа прва возбуда и суспенс што ни ги приреди тогаш непознатото момче од Минеаполис.

Потврда за ова е и легендарниот спот за оваа песна, пред чиј крај црнец со очила за сонце клима со главата, како одеднаш сѐ да му е јасно, што е еден од најубавите визуелни симболи на уметничката катарза и моќта на рокенролот. А за рокенролот Принс направи многу, навистина многу.

Кога беше во прашање положбата на уметникот, тој поставуваше морални прашања, се бореше против расизмот, секогаш одеше по патот на креативноста, естетската хармонија и графичката интертекстуалност. Сето тоа беше негов крик за уметничка слобода и слобода воопшто и бегство од сето тоа што ја поедноставуваше музиката и ја сведуваше на шаблон и рутина. Потврда за ова се спотовите за песните „When Doves Cry“ и „Sing o’ the Times“. Тој со своите музички перформанси во првата песна стана икона на забавата и задоволството, симбол на сексуалната слобода, хедонизам и авантури со голем број жени. Во студиото, кога го снимаше спотот, целиот се внесуваше во изведбата, а кога ја изведуваше во живо на сцената, едноставно блескаше. Во спотот за втората песна Принс игра, вози автомобил, но цело време инсистира дека сѐ околу него е електроимагинација и дел од наивен декор. Тој преку овој спот се пресметува со издавачката куќа „Ворнер брос“, за која тврдеше дека го искористува, па затоа на својот образ често го испишуваше зборот Slave (роб). Покажа и докажа дека не е роб, туку принц, за безброј негови обожаватели принц на бел коњ.
Инаку, во контактите со обожавателите, преку својата музика, беше искрен, непосреден и предизвикувачки со декоративноста на неговата облека и сексуалноста, која просто бликаше од него. Во едно сум сигурен: ако сакаме да дознаеме кој е Принс, каков е, што претставува во музиката, треба да направиме само едно нешто – да го гледаме кога настапува на сцената, каде што е најмоќен. Сцената е неговото единствено прибежиште, неговиот природен дом. На неа тој изведува вистинска магија. Музиката што ја изведува е вдахновен електрофанк-поп. Маестрален. Единствен.

Кога првпат го гледав на снимките од неговите концерти, ги видов неговата близина со обожавателите, великодушноста и првенствено виртуозноста на „малиот од Минеаполис“, нешто што ми ја отвори вратата кон новото поимање на музиката. Не случајно е и родоначалник на минеаполис-звукот, бидејќи успешно стилистички ги обедини фанкот, рокот, попот, синти-попот и тогаш појавениот њувејв, а тоа е неговиот заводлив, сензуален и вулгарен музички звук. Единствената можна дефиниција за него ја даде самиот тој: My name is Prince – and I am funki (Моето име е Принс – и јас сум фанки).

Извадок од книгата во печатење Обожавани музички икони. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди