По 75.600 километри и 39 нуркања, експедицијата наречена „Пет длабочини“ за мерење на најдлабоките точки во океаните го заврши првото спуштање со екипаж до дното на петте океани во светот.
По мапирањето на дното на Тихи Океан, Атлански, Индиски, Арктички и Јужен Океан, научниците веруваат дека тие ги имаат најпрецизните информации досега за најдлабоките точки во секој од петте океани на Земјата.
Целата нова батиметрија (податоци за длабочината) е содржана во трудот објавен во „Џиосајенс дејта џрнал“.
За да можат да ги спроведат сите мерења, членовите на експедицијата користеле специјално дизајнирана подводна капсула „Тритон 36000/2“, првото возило во светот сертифицирано да ги доведе своите управувачи на единаесет илјади метри длабочина, според неговите производители.
Подморницата ја управувал истражувачот и инвеститор Виктор Висково, заедно со научникот Алан Џејмисон од универзитетот „Њукасл“.
Сите информации собрани од експедицијата му се предадени на проектот „ГЕБЦО 2030“ за истражување на морското дно на фондацијата „Нипон“, чија цел е од различни извори на податоци да состави целосна мапа со длабочините на океаните до крајот на деценијата.