Во малата сала на Центарот за култура во Кичево и пред голем број љубители на афоризмот, со работен наслов „Во сатирата е вистината“, беше претставен литературниот портрет на Миле Ѓорѓијоски, најплодниот афористичар со издадени над дваесет и пет книги.

– Миле Ѓорѓијоски е еден од најголемите сатирични афористичари во земјава. Тој само на нему својствен начин ја доловува реалноста и со посебен израз ги следи сите случувања во семејството, на улицата, во земјава. Колку бил плоден Ѓорѓијоски зборува и фактот дека е автор на 25 книги и дека е високо вреднуван и меѓу своите колеги и во Србија и Бугарија, каде што е чест гостин и почесен член. Афоризмите на Ѓорѓијоски се препознатливи и кој еднаш ќе земе некоја од неговите книги, ќе сака повторно и повторно да се навраќа на она што сакал да го каже самиот автор – рече промоторот на книгата Аце Сајкоски, професор од Кичево.

Домаќинот на вечерта, афористичарот Миле Ѓорѓијоски, низ своето обраќање се наврати на тридеценискиот креативен живот, во кој напиша голем број афоризми и, како што самиот рече, некои од нив имаат и антологиска вредност.
– Многубројното присуство на вечерашниов литературен портрет е најдобар доказ дека добро се разбираме и сигурен сум дека моите афоризми допираат до вашата душа. Отсекогаш, драги мои сограѓани, сте ја сакале сатирата, а и оваа промоција е потврда дека ви недостига повеќе смеа и ведрина во душата – се обрати Ѓорѓијоски.
Вечерта беше збогатена и со гостувањето на сатиричарот Витомир Долински, кој, покрај на домаќинот, читаше и свои афоризми.
Членовите на литературниот клуб „Китка“ од Кичево читаа свои песни, а вечерта беше збогатена и со гитарска придружба.