Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тоше остави многу необјавени песни и во овие седум што се најдоа на новиот албум, исто така ќе ги препознаете силните емоции, љубовта на Тоше за музиката и неговата искреност, вели познатиот британски продуцент Енди Рајт

Задоволство ми е што сум тука и што имам прилика да зборувам за Тоше Проески, со кого не врзуваше кратко, но силно пријателство. Тој беше исклучително талентиран, имаше божји дар и оваа ваша масовност на прес-конференцијата е доказ за љубовта што ја имате за него, рече познатиот британски композитор и продуцент Енди Рајт, на денешната прес-конференција, што се одржа во хотелот „Парк“ во Скопје.

На оваа средба со новинарите беше претставен албумот „Secret place“ со досега необјавени песни на Тоше и беа соопштени нови детали за утрешниот голем концерт во чест на нашата најголема музичка ѕвезда, што веќе 11 години не е меѓу нас, но со својата музика тој се уште го бои нашето секојдневие.

Изданието содржи десет песни, седум сосема нови, а три веќе познати рефрени за кои Енди Рајт напиша нови аранжмани.

Андреј Николовски, директор на Фондацијата „Тодор Проески“ ги извести присутните претставници на седмата сила дека две години се работело на албумот, а Сашо Митков се надоврза дека целиот тим вложил многу во ова остварување, што е уште еден доказ за обемниот музички материјал што го оставил како запис Проески во својот лаптоп, што не ја изклучува можноста за нови слични проекти во иднина.

-Дел од песните се снимени во Загреб, некои во Лондон, а мастерингот е направен во Париз. Се надеваме дека на утрешниот хуманитаренм концерт, публиката добро ќа ги прифати новите песни на својот идол. На концертот ќе бидат премиерно прикажани и два видео-записи, за насловната песна „Secret place“ и за мелодијата „We are blood“ со која Кристијан Ристески, внукот на Тоше, ќе зачекори на музичката сцена. Песната е снимена во студиото на Енди Рајт во Лондон, кој заедно со Кристијан е нејзин автор.

– Тоше остави многу необјавени песни и во овие седум што се најдоа на новиот албум, исто така ќе ги препознаете силните емоции, љубовта на Тоше за музиката и неговата искреност. Секако да беше тој тука сега можеби тие ќе звучеа многу поразлично, но сите ние, а тука мислам и на луѓето од Фондацијата, но и на членовите на семејството на Тоше, се надеваме дека направивме добар избор. Седум песни тој пее на англиски јазик, а за : „Боже чувај ја од зло“, „Среќна ли си ти“ и Игри без граници“ јас направив нови аранжмани. Драго ми е што една од песните што се најдоа на албумот е дует, што Тоше го сними со Ребека Пул, позната британска пејачка – рече Енди Рајт.

Тој додаде дека дваесетгодишниот Кристијан несомнено има дарба и добар почеток на својата кариера, а тој секогаш ќе биде тука за сорабтока.

– Сигурен сум дека Тоше би бил горд на Кристијан – додаде Енди Рајт.

На утрешниот концерт што што ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе настапат голем број македонски и музички ѕвезди од регионот. Така, песните на Тоше ќе ги пејат, Каролина Гочева, Даниел Кајмакоски, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Александра Јанева, Антониа Гиговска, Денис Димоски, Наум Петрески, Тијана Дапчевиќ, Тамара… Од пејачите од регионот ќе настапат, „Фрајле“, Бојан Маровиќ, Ања Рупел, Владо Калембер, Борис Новковиќ, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Александра Радовиќ и други. М.Т.