Музичкото видео за песната „Proud“ (Горда) на Тамара Тодевска, македонски претставник за натпреварот на Песна на Евровизија во Израел, беше премиерно емитувано вечерва на централните вести на Македонската телевизија. Главна ѕвезда на музичкото видео на Тамара е нејзината тригодишна ќерка Хана.

– „Горда” им ја посветувам на мојата ќерка и на сите што насекаде се борат за своите соништа, верувајќи во нивната величина. На 16 мај, ќе ги прекршиме правилата и барем една ноќ во годината, ќе му покажеме на светот дека „Јас сум горда!“ е секогаш посилно од „Никогаш нема да бидеш доволно добра!“ – вели Тамара.

Во музичкото видео се појавуваат и жени кои ја инспирирале Тамара, докажувајќи дека соништата се остваруваат.

„Proud“ e авторско дело на тимот што како потписници на музиката го сочинуваат Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. 
 
Музичкото видео го режираше Чедо Поповски.