Бендот „Bad Obsession“ ќе настапи со свои авторски песни на фестивалот „Андерфест“, во Јавна Соба на 7 април. Музичката група од Валандово оформенa во 2015 година, првобитно броеше шест члена, а сега ја сочинуваат Валентин Атанасов (ритам-соло гитара), Трајче Стојанов (вокал), Ѓорѓи Стамков (тапани) и Ѓорѓи Попов (бас гитара). Тие активно настапуваат во изминатите две и пол години, воглавно како кавер-бенд, свирејќи хард-хеви рок музика.

Како добивте покана за настап на „Андерфест?

– На „Андерфест“ ќе настапиме благодарение на организаторот којшто нѐ контактираше и ни овозможи да свириме. Ние сме пресреќни, презадоволни и благодарни на шансата што ни ја овозможија. Задоволни сме од организаторите и треба да се одржуваат што повеќе фестивали од овој тип, што промовираат изведувачи од Македонија. 

Постоите од 2015 година, како се запознавте и како дојде до идејата да формирате бенд?

– Сите се познававме и се дружевме уште кога бевме во средно училиште. Идејата за оформување на бенд беше од страна на поранешните членови на групата, првиот вокалист Панче Керамичев и поранешниот ритам-гитарист Ристе Невеселов. Идејата беше да бидеме школски бенд, што со текот на времето прерасна во нешто поголемо. Подоцна во бендот дојдоа Валентин Атанасов, како и третиот гитарист и придружен вокал Трајче Стојанов, кој подоцна стана главен вокалист и нашиот тапанар Ѓорѓи Стамков. Поради одредени несогласувања имаше измени во нашиот состав, а им благодариме на поранешните членови, бидејќи без нив немаше да постои овој бенд.

Што симболизира името на бендот?

– Името на бендот беше дадено од страна на гитаристот Валентин Атанасов. Името е инспирано од нашите валандовци од кои голем дел од нив не ја слушаат музиката што ја свириме, па одредени луѓе ни велеа „не го свирете ова, не е добро, на лош пат сте со ваква музика, ќе фатите по лоши патишта и опсесии“. Така дојде идејата за името „Bad Obsession“.

Каде настапувавте досега и дали планирате издавање на албум?

– Настапувавме по кафулиња, гитаријади, фестивали и моторџиски собири во Струмица, Гевгелија, Валандово, Радовиш и други македонски градови. Прашање е дали ќе издадеме албум, но секако дека тоа го имаме на ум.