Војводата и војвотката од Сасекс, кои се повлекоа од кралските должности на почетокот на оваа година, одлучија да се иселат од Лос Анџелес и да почнат нов живот во далеку помирната елитна населба Санта Барбара. Но, медиумите тврдат дека локалното население на Монтесито, богат кварт во Санта Барбара, не е задоволно од овој потег поради постојаното присуство на папараци кои го следат секој нивни чекор.

Хеликоптери летаат по неколку пати на ден во обид да направат совршени фотографии на принцот Хари и Меган Маркл и нивниот 15-месечен син Арчи, а има и други папараци на копно, во близина на нивниот дом и локалниот трговски центар, објави порталот „ТМЗ“.

Новите жители на Монтесито, исто така, привлекуваат многу туристи кои сакаат да ги видат, а репортери постојано ги прашуваат сопствениците на локалните продавници дали ги виделе војводата и војвотката од Сасекс, пишува порталот.

Во меѓувреме, извор близок до кралската двојка рече дека принцот Хари го мрази Лос Анџелес и е многу посреќен откако се преселиле во Санта Барбара.

– Меган го посети Монтесито во тинејџерските години и се вљуби во живописната глетка и прекрасната архитектура. Преселувањето таму секогаш беше опција, но за почеток, таа и Хари сакаа да видат како ќе биде во Лос Анџелес – рекол инсајдерот.