Французинот Жан-Жак Савин, кој помина повеќе од четири месеци пловејќи преку Атлантскиот Океан во капсула која наликува на големо портокалово буре, стигна на својата дестинација на Карибите, пренесува Си-ен-ен.

Тој  ја започнал својата авантура на 26 декември минатата година од Канарските Острови, со капсула која самиот ја конструирал.

Савин, кој има 71 година, поминал четири месеци во капсулата која е без мотор, препуштен целосно на морските струи.

Неговото пристигање ги изненадило локалните жители на островот Св. Евстатиј, каде што заврши неговиот титански поход.

– Се си има свој крај. Конечно ја завршив мојата авантура – напишал Савин на Фејсбук, откако стапнал на копно за првпат оваа година.

Савин патувал сам во капсулата која е долга три метри и широка околу два метри. За време на патувањето тој се хранел со рибите кои ги ловел од океанот. Најдобрата занимација му било да ги набљудува рибите што пловеле во водата.

Овој поход не е негова прва голема авантура. Тој работел како воен падобранец и приватен пилот, а се искачил на Мон Блан во 2015 година. Тој, исто така, планира да се врати во Франција со неговото џиновско портокалово буре.