Новата серија „Стјуардеса“, со Кејли Куоко во главната улога, ќе има премиера на 26 ноември на „Ејч-би-о гоу“ кога ќе станат достапни за гледање првите три епизоди. Серијата ќе се емитува и нa каналот „Ејч-би-о“ од 14 декември во 20 часот.
Мрачна хумористична трилер-серија според бестселер-романот од Крис Боџалија за тоа како цел еден живот може да се промени за една вечер. Стјуардесата Касандра Бауден (Кејли Куоко) се буди во хотелска соба во Дубаи, мамурна од претходната ноќ, со мртовец легнат до неа. Плашејќи се да повика полиција, таа го продолжува утрото како ништо да не се случило, придружувајќи им се на другите стјуардеси и пилоти што патуваат со авионот. Во Њујорк нејзе ѝ приоѓаат агенти на ФБИ што ја прашуваат за нејзиниот престој во Дубаи. Таа сѐ уште не може да открие што се случило, па почнува да се прашува дали таа можеби е убиецот.
Освен Кејли Куоко, во серијата настапуваат и Михил Хашман, Роузи Перез, Зосија Мамет, Мишел Гомез, Т.Р. Најт, Колин Вудел, Мерл Дендриџ, Грифин Метјуз и Нолан Џерад Фанк.