По неколку промени во датумот на премиерата, продукцијата „Ворнер Брос“ одлучи комплетно да го отстрани филмот „Тенет“ на Кристофер Нолан од нивниот календар до понатамошно известување, пренесува „Вераети“.
„Тенет“ првично се планираше да биде претставен на 17 јули оваа година, а потоа премиерата беше поместена за 31 јули, па на 12 август. Продуцентите на филмот истакнаа дека пандемијата на коронавирусот ја наруши филмската индустрија и затоа сакаат да почекаат за конечно да го објават филмот на Нолан.
– Наскоро ќе објавиме нов датум за премиерата на „Тенет“. Нашата цел е да обезбедиме најголем успех за нашите филмови, а во исто време сакаме и да ги поддржиме кината низ светот со нови содржини штом тие ќе можат да се отворат – истакнаа од „Ворнер Брос“.