Новолансираната капсула на „Спејс Екс“, наречена „Змеј“, која завчера полета од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида, успешно стигна до Меѓународната вселенска станица, и ќе биде дом на екипажот во следните шест месеци, пренесува „Гардијан“.

– Колку е добро да се чуе друг човечки глас! Добредојдовте! Одвај чекаме да ни се придружите! – рече Кејт Рубинс, астронаутка во вселенската станица кога командантот на „Змејот“, Мајк Хопкинс, првпат воспостави радио-контакт со нив.

Хопкинс и неговиот екипаж – Виктор Гловер, Шенон Вокер и Соичи Ногучи им се придружија на двајцата Руси и Американката кои пристигнаа на вселенската станица минатиот месец од Казахстан. 

За НАСА И „Спејс екс“ имаше кратко колебање за успешноста на приклучувањето кон станицата, бидејќи доцнењето на зајдисонцето фрли сенки низ областа за прицврстување, што го отежнува екипажот да ја следи постапката. 

Четворицата астронаути ја именуваа својата капсула „Отпор“ за да инспирираат надеж и инспирација во една особено тешка година за целиот свет. 

Ова е првпат компанијата на Илон Маск да испрати екипаж на шестмесечен престој на Меѓународната вселенска станица. Се планира нивната замена да пристигне со друга таква капсула во април. 

За лансирањето, кое се случи во неделата, НАСА ги сведе гостите на минимум поради коронавирусот, па дури и Маск не присуствуваше откако на Твитер објави дека „најверојатно“ е заразен. 

Патувањето во вселената е ризичен бизнис 

Откако првпат „Спејс екс“ успешно прати луѓе во вселената, по прославата за нивното безбедно враќање инженерите ја проучиле капсулата и пронашле нешто што не им се допаднало: топлинскиот штит, што ја штити капсулата додека леталото патува во атмосферата, еродирал повеќе отколку што очекувале. 

– Косата ни се крена на сите кои ја разбравме потенцијалната сериозност на проблемот  – изјави Никол Џордан, инженер во НАСА. 

„Спејс екс“ откри дека нејзиниот прв екипаж не бил во опасност за време на нивното спуштање, и дека немало потреба од паника. Но, компанијата одлучи да редизајнира дел од топлинскиот штит за идните мисии, а исто така направи измени во падобранските капсули, кои при спуштањето се отвориле многу поблиску до површината на водата отколку што инженерите очекувале. 

За многу инженери во НАСА, ваквите катастрофи ја дефинираат нивната работа исто колку и постигнатите успеси. Секое лансирање на астронаути вклучува ризик и ги доведува нивните животи во прашање.

„Спејс екс“ сега ја извршува работата на вселенските шатлови која некогаш ја извршуваше НАСА, а ја прекина програмата пред речиси една деценија. Но, оттогаш НАСА започна друга – обид да се користат приватни компании за транспорт на астронаути до и од вселената, во име на агенцијата.

Така, и одговорноста од НАСА се пренесува на „Спејс екс“, до степен што друга приватна компанија досега не искусила. Вработените во „Спејс екс“ добија брифинзи за последиците од двете катастрофи со вселенскиот шатлови на НАСА, во кои загинаа 14 астронаути, како и пожар со лансирна рампа во која загинаа тројца други. Тие добија важни лекции од ветерани во НАСА за грешките што ги има направила агенцијата и како да ги избегнат во иднина.

– Животот на астронаутите е во наши раце, ние ги транспортираме во вселената, остануваме во комуникација со нив и имаме одговорност да ги вратиме дома кај нивните семејства – вели Бенџи Рид, директор за програмите на летови со посада на „Спејс екс“.

НАСА, сепак, исто така има голема одговорност кога проценува дали системите на „Спејс екс“ се безбедни и нејзиниот персонал може да интервенира. Инженерите на НАСА тесно соработуваат со оние на „Спејс екс“ и имаат пристап до најдеталните планови на компанијата. 

– Нивните летала се помалку комплициран од шатловите во минатото. И во случај на вонредна состојба веднаш по лансирањето, астронаутската капсула на „Спејс екс“ може да се оддели безбедно од ракетата. Вселенскиот шатл во минатото ја немаше таа опција, ако нешто тргнеше наопаку за време на лансирањето, вие сте заглавени и нема излез – вели Нелсон, пензионираниот астронаут.

Иако во „Спејс Екс“ засега се потполно посветени на безбедноста на нивните проекти, со тек на време тие треба да се потрудат нивната посветеност да не исчезне. Можеби е примамливо да се верува дека 17 години од последната трагедија на НАСА, испраќањето на луѓе во вселената е полесно, побезбедно и посигурно. Но, за НАСА и секој кој испраќа луѓе во вселената, опасноста и шансата нешто да тргне наопаку постојано е присутна и демне. 

Многумина, пак, не се толку загрижени. На крајот на краиштата, човештвото испрати луѓе до Месечината пред 50 години, а стигнувањето до Меѓународната вселенска станица, која е самo 418 километри над Земјата, изгледа како да е едноставна задача, особено за некој толку брилијантен како што е Маск. Но, ова е лажна реалност. Секој вселенски лет е исто толку ризичен колку што беше и за време на програмата за Месечината, а сега тој ризик и одговорноста паѓаат на рамењата на „Спејс екс“ и на Маск, слично како огромниот товар на титанот Атлас, кој во грчката митологија на својот грб го носи небесниот свод. В.Т.