Минаа 40 години откако Оливија Њутн Џон и Џон Траволта ги освоија младите од цел свет, со мјузиклот „Брилијантин”, кој несомнено стана холивудски класик.

– Мислевме дека филмот ќе биде добро прифатен од тинејџерите за едно или две лета, но не ни замислувавме дека и 40 години подоцна интересот ќе биде ист низ цел свет, и кај публика од сите возрасти – изјави режисерот Рендал Клајзер.

Филмот е адаптација на истоимениот театарски мјузикл на Ворен Кејси и Џим Џејкобс од 1971 година, а приказната е за двајца вљубени средношколци во 50-те години. Снимањето траело два месеца и чинело шест милиони долари, а филмот заработи околу 400 милиони долари од кино билетите, со што е еден од филмските мјузикли со најголем приход во историјата.

Клајзер по „Брилијантин” сними уште неколку филмови, но ниеден не го повтори успехот, па тој во 1990-те ја напушти филмската индустрија.

Според режисерот, „Брилијантин” стана „бесмртен“ оти се занимава со универзални теми, како што се средношколската љубов и тинејџерскиот безгрижен период. Тој смета дека тоа е далеку од совршен филм, но токму таа несовршеност го направи класика.

Траволта по улогата на „лошото момче“ Дени, стана светска филмска ѕвезда. Оливија Њутн Џон, пак, ја продолжи својата музичка кариера.

Во 1982 година е снимен и „Брилијантин 2″, со Мишел Фајфер и Максвел Колфилд, но тој филм имаше далеку помал успех.