Првото издание на „Скопскиот градски фестивал“ ќе се одржи в петок, со почеток во 19 часот, на плоштадот „Мајка Тереза“ (на платото пред МОБ).
Посетителите на првото издание ќе можат да ја погледнат музичката комедија „Телефонот“ во режија на австриската режисерка и кореографка Уши Хорнер, а ќе учествуваат двајца оперски пејачи и двајца музичари.
Еден од најпознатите музички етносостави кај нас, „Баклава“, токму на првото издание ќе го прослави јубилејот 15 години музичка кариера, а пејачката Биба Додева ќе има концертна промоција на својот најнов музички проект, албумот „Незаборавни“.
Во рамките на фестивалот е најавен настап на македонскиот пијанист Бобан Мирковски, кој како солист ќе ги изведе композициите „Рапсодија во сино“ од Џорџ Гершвин и „Атараксија“, дело на неговиот татко Љупчо Мирковски, кој ќе диригира со „Биг бендот“ што ќе го придружува.
Како што посочуваат организаторите на фестивалот, „Баги комуникации“, програмата е конципирана по моделот на градските музички фестивали во Европа и во светот.