Во паркот на МКЦ, на 24 август, од 21.30 часот, ќе се одржи концертот „ЗЏМ биг бенд оркестра и македонски гитарски херои“. Станува збор за несекојдневен и единствен настан што на иста сцена ќе ги обедини најдобрите македонски гитаристи, кои ќе бидат придружувани од оркестарот „ЗЏМ биг бенд“, под диригентство на Џијан Емин.
Меѓу музичарите што ќе бидат дел од овој настан се познатите македонски гитаристи: Петар Ренџов, Игор Атанасовски-Харе, Венко Серафимовски, Влатко Стефановски, Димитар Божиков, Ади Имери, Зоран Костадиновски, Саша Спасовски Крокер, Предраг Икономовски и Александар Поп Христов.
Организаторот вели дека се работи за своевиден „самит на најдобрите гитаристи од Македонија“.
– На програмата ќе бидат изведени светски познати џез-класици, аранжирани за биг-бенд изведба од страна на членови на ЗЏМ: Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Гордан Спасовски, Сашко Николовски, Дамир Имери и Џијан Емин – велат организаторите на концертот.