Објавени номинациите

Првпат во историјата на манифестацијата „Златен глобус“ номинациите за годинашното, 78. доделување беа објавени во средата онлајн, поради актуелната пандемија на коронавирусот. Водителки беа Тина Феј и Еми Полер, и тоа од два различни американски града, Њујорк и Лос Анџелес. Меѓутоа тоа не беше она по што ќе бидат запаметени „златните глобуси“ годинава.
Имено, во категоријата за најдобар режисер се номинирани три жени, наместо досегашната една. Така, во трка за награда се: Клои Зао („Номадленд“), Емереалд Фенел („Девојка што ветува“) и Реџина Кинг („Една ноќ во Мајами“). Во оваа категорија се номинирани и режисерите: Арон Соркин („Седумката од Чикаго“) и Дејвид Финчер („Манк“).
На извонредниот Ентони Хопкинс („Татко“), конкуренција за најдобар глумец во драма му се: Риз Ахмед („Звукот на металот“), Гери Олдман („Манк“), Тахар Рахим („Мавританец“) и Чедвик Босман („Ма Рејни: мајката на блузот“).
За споредна машка улога силите ќе си ги одмерат: одличниот Џаред Лето („Мали нешта“), Лесли Одом Јуниор („Една ноќ во Мајами“), Саша Барон Коен („Седумката од Чикаго“), Бил Мареј („На мраз“) и Даниел Калуа („Јуда и Црниот месија“).
Коен освои уште една номинација во категоријата мјузикл или комедија, за улогата на Борат во продолжението на хитот со кој се прослави – „Борат“, а со него во конкуренција се и Дев Пател („Дејвид Коперфилд“), Енди Самберг („Палм Спрингс“), Џејмс Корден („Матурски танц“) и Лин-Мануел Миранда („Хамилтон“).

Номинации за најдобри глумици во драма добија: Кери Малиган („Девојка што ветува“)., Френсис Мекдорманд („Номадленд“), Ванеса Кирби („Слабите точки на жената“), Виола Девис („Ма Реини“) и Андра Деј („Обединетите држави вс Били Холидеј“).
Најдобра споредна женска улога ќе се избира меѓу: сензационалната мала глумица Хелен Зенгел („Новости од светот“) и ветеранката Џоди Фостер („Мавританец“), Глен Клоуз („Хилбили Елеџи“), Оливија Колман („Татко“) и Аманда Сејфрид („Манк“).
За најдобра глумица во мјузикл или комедија се предложени: Розамунд Пике („Многу би сакала“), Ања Тејлор-Џој („Ема“), Марија Бакалова („Борат 2“), Кејт Хадсон („Музика“) и Мишел Фајфер („Френч егзит“).
За титулата најдобар мјузикл или комедија во игра се: „Борат 2“, „Палм Спрингс“, „Матурски танц“, „Хамилтон“ и „Музика“.
Номинирани за најдобар странски филм се: европскиот „Уште една рунда“, јапонскиот „Минари“, „Ла Лорона“ од Гватемала, францускиот „Ние две“ и италијанскиот „Животот пред нас“ со Софија Лорен.
Најмногу номинации има филмот „Манк“, дури шест, а кај сериите исто толку номинации има четвртата сезона на „Круна“.

Освен „Круна“ и „Озарк“, за најдобра сериска драма се натпреваруваат и „Лавкрафт кантри“, „Мандалориан“ и „Рачт“, како големо изненадување со оглед на лошите критики. А номинирани серии во комедија или мјузикл се: „Стјуардеса“, „Голема“, „Емили во Париз“, „Тед Ласо“ и „Шитс Грик“. Интересно е дека некои актерски имиња се присутни и во сериските номинации, како Ања Тејлор Џој и Оливија Колман, кои се номинирани за „Квин гамбит“, односно „Круна“.
Хју Грант и Никол Кидман играат сопружници во драмската мини-серија „Откажување“, а и двајцата се номинирани за „златен глобус“. Грант веќе ја освои оваа престижна награда во 2019 година, за филмот „Англиски скандал“.
Сепак, „Круна“ заслужено освои најголем број актерски номинации, со Колман номинирани се и: Ема Корин, Џилијан Андерсон, Хелен Бонам Картер и Џош О’Конор.
Севкупно, најголем број номинации, сметајќи ги и филмовите и сериите, освои Нетфликс – 42. Која од номинациите ќе се потврди, ќе дознаеме на 28 февруари, кога „златен глобус“ за животно дело ќе добие глумицата Џејн Фонда. Со оглед на тоа дека „златните глобуси“ се сметаат за патоказ за „оскарите“, голема е веројатноста дека овие имиња и нивните филмови ќе се натпреваруваат и за златната статуетка.