Ниту доделувањето на наградата „златна малина“ за најлоши остварувања во филмската индустрија од минатата година не мина без мерките на претпазливост поради ширењето на коронавирусот, па добитниците беа прогласени преку стрим на каналот Јутјуб. Свеченото доделување, кое требаше да се одржи во Лос Анџелес, беше откажано, но организаторите, сепак, успеаја да најдат начин најлошите филмови и глумци на годината да не останат без ова „признание“.

Сосема очекувано, апсолутен победник на годинашните „златни малини“ е мјузиклот „Мачки“, кој е награден дури во шест категории – за најлош филм, најлош глумец (Џејмс Корден), најлоша споредна женска улога (Ребел Вилсон), најлошо сценарио и најлоша режија (Том Хупер), како и за најлоша комбинација за получовек-полумачка. Според оние што досега го виделе мјузиклот, тој навистина изгледа евтино, а некои од глумците воопшто не знаат да пеат, што е голем пропуст, бидејќи станува збор за мјузикл.

Голем фаворит за „златна малина“ оваа година беше „Рамбо: последна крв“, кој освои награда за најлош римејк и продолжение на серијал. Џон Траволта доби „златна малина“ за најлош глумец за дури две улоги, во филмовите: „Фантастик“ и „Трговска боја“. Најлоша главна глумица е Хилари Даф за филмот „Ловот на Шерон Тејт“. Еди Марфи освои „златна малина на искупување“, која им се доделува на добитници чија кариера сега е во подем или реализирале периодов добра улога. Тој беше награден за продукцијата „Долемит е моето име“ на Нетфликс.