Според неодамнешниот извештај од Клиниката за истражување на нарушувања во спиењето во Кливленд, САД, ако често чувствувате потреба да го одложувате алармот по добар сон, време е да го посетите вашиот доктор.
Извештајот нагласува дека не сите соништа се исти и дека начинот на кој завршува ноќниот сон може да биде показател за општата благосостојба.
– Истражувањата сугерираат дека одложувањето на алармот ја нарушува РЕМ-фазата на спиењето, односно обновувачката состојба на спиењето – вели д-р Рина Мехра, директорка на клиниката во Кливленд.
Секоја вечер поминуваме низ два основни типа сон, РЕМ (брзо движење на очите) и не-РЕМ сон. Националниот институт за невролошки нарушувања и мозочен удар го опишува не-РЕМ спиењето како движење низ три фази.
Фаза 1: кога преминуваме од будност во спиење.
Фаза 2: кога влегуваме во лесен сон.
Фаза 3: кога ќе влеземе во најдлабокото ниво на сон за најдолг период.
Поради третата фаза, се чувствуваме целосно освежени наутро. Од друга страна, РЕМ-фазата се јавува околу 90 минути откако ќе заспиеме. Експертите од институтот објаснуваат дека очите брзо се движат од една на друга страна зад затворените капаци.

– Вашето дишење станува побрзо и неправилно, а пулсот и крвниот притисок се зголемуваат сѐ до нивото на будење. Повеќето од вашите сонувања се случуваат за време на РЕМ-спиењето, иако некои може да се појават во не-РЕМ фазата. Мускулите на рацете и нозете привремено се парализираат, што ве спречува да ги остварите своите соништа – се наведува во истражувањето.
Тука доаѓа до проблемот со одложувањето на алармот – за време на влегувањето и излегувањето од РЕМ-фазата на спиење. Со веќе покачено ниво на будност, нарушувањето на овој сон со аларм во интервали од 10 минути може да предизвика висок крвен притисок и да го забрза чукањето на срцето, додека интервалот е премногу краток за да се овозможи мирен сон.

Како што предупредува британската национална здравствена служба, недоволно мирниот сон со текот на времето може да придонесе до дебелина, кардиоваскуларни болести, висок крвен притисок, ослабен имунолошки систем и дијабетес.