Јапонскиот стартап „испејс“ склопува три вселенски летала што ќе слетаат на површината на Месечината, од кои првото, ХАКУТО-Р, треба да биде лансирано од „Спејс-екс“ во 2022 година.
Технолошкиот стартап наречен „испејс“ (со сите мали букви) собра дополнителни 46 милиони долари во нов круг на групно финансирање, бидејќи своите погледи ги насочи на три мисии за слетување на Месечината во наредните три години, за постигнување на, како што велат, првото комерцијално истражување на Месечината во светот.
До денес, релативно малата јапонска компанија собра 195,5 милиони долари преку групно финансирање, плус 500.000 долари од натпреварот на „Гугл лунар екпрајз“ во 2018 година, за дизајнирање прототип на роверот ХАКУТО.
Амбициите на „испејс“ лежат во комерцијалните летала насочени кон носење ровери и научни експерименти на површината на Месечината. Исто така, тие се обидуваат да ги монетизираат податоците што ќе ги собираат од Месечината, а кои се надеваат дека ќе им ги продадат на други компании, како вселенски агенции и истражувачки организации, за да им помогнат во подготовките за нивните мисии до најблискиот небесен сосед на Земјата.
Првото летало ХАКУТО-Р („Р“ означува рестартирање) е во изградба во Германија, пред лансирањето на ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс-екс“ од Кејп Канаверал кон крајот на 2022 година. Таа ќе носи ровер за Обединетите Арапски Емирати, јапонски лунарен робот и три статични експерименти од Канада. Во 2023 година, второ летало ХАКУТО-Р ќе испорача ровер на „испејс“ наменет за собирање податоци за поддршка на следните мисии.
Во 2024 година, „испејс“ ќе испрати ново поголемо летало дизајнирано за слетување на површината на Месечината, кое во моментов се развива во САД.