Вистинска приказна за познатата балетска ѕвезда Карлос Акоста, чија танчарска кариера забележеа фасцинантен успех, се најде на големото платно во светските кина од 25 ноември. Филмот „Јули“ на шпанската режисерка Исиан Болеин е снимен по автобиографијата на балетскиот танчар Карлос Акоста и ја следи приказната за трнливиот пат до ѕвездите на момчето, кое по инсистирање на својот татко, наместо на фудбалскиот терен го оствари сонот на балетската сцена и станува првиот црномурест играч што ја добива улогата на Ромео во Лондонскиот кралски балет.

Заслугите за неверојатниот успех на светската балетска сцена му ги припишува на својот татко, кој за да го тргне од улиците на Хавана, инсистирал Карлос да се посвети на танц, дисциплина и вежбање давајќи му го името Јули – воин. Реномираните балетски учители на Куба исто така го препознале неверојатниот талент на младото момче желно за други детски соништа наместо учење балет.

– Не ја одбрав својата кариера и одземена ми е слободата на одлучување што да сторам со мојот живот. Татко ми ме втурна во ова без моја желба, но сега сум благодарен. Навистина сум среќен и не смеам да го заборавам тоа – изјави Акоста во едно интервју.

Младиот Карлос го игра десетгодишниот Едлисон Мануел Олбера, а во филмот се појавува и самата ѕвезда Карлос Акоста за веродостојно да го приближи својот живот до публиката. Филмот премиерно почнува да се прикажува на 28 ноември во кината „Милениум“ и „Синеплекс“.