На 36. издание на „Макфест“ победи песната „Под исто небо“ што ја отпеа Александар Тодороски, а второнаграден е Мартинијан Кириловски со „Вистина“. Автор и на двете мелодии е Ристо Самарџиев, а аранжманот е на Давор Јордановски. Третото место го освои Марија Данева со „Твоја“ на Роберт Билбилов, која ја освои и наградата за сценски настап

Зад нас е „Макфест 2021“, кој навистина донесе многу новини, како што и се најавуваше. Сепак, и овој пат штипјанец, дебитант, победи во својот роден град. Младиот Александар Тодороски уште на првата фестивалска вечер отскокнуваше со својата изведба, пеејќи ја песната „Под исто небо“ на Ристо Самарџиев. А аранжманот за песната е на Давор Јордановски, музичар што гради успешна кариера во Канада. Аплаузот на отворена сцена и многуте комплименти што ги доби по првиот настап беа знак дека ќе биде еден од фаворитите за главната награда, а на самото прогласување на победниците го преплавија емоциите. Сепак успеа да порача дека соништата, ете, се остваруваат и многу впечатливо ја исполни песната што ќе му отвори многу врати.

Второто место му припадна на талентираниот Мартинијан Кириловски, кој мошне сугестивно ја донесе „Вистина“, на истиот авторски тандем (Самарџиев – Јордановски). Инаку тој, како што ни рече, секогаш со голема радост настапува на макфестовската сцена каде што досега освоил многу награди, меѓу кои и првата.
– Ова ми е седми пат како настапувам во Штип, а првпат тоа се случи 2013 година. Досега сум освоил и прво и второ и трето место, но интересно е дека секогаш се чувствувам како да е првпат и одново ме обзема таа позната макфестовска еуфорија. Годинава пеам темпераментна песна во латиноритам, која брзо влегува во уво и се надевам дека „Вистина“ лесно ќе го најде патот до публиката – вели Кириловски.
Веруваме дека по овој фестивал, градот Штип, односно првите луѓе на „Макфест“ ќе најдат начин да му дадат некое посебно признание на Ристо Самарџиев, кој стана неизоставен дел и заштитен знак на фестивалот со своите песни, кој ги создава за себе, а во последните десетина години и за други пејачи и често се наоѓа на пиедесталот, а така е и оваа година. Поточно ова е негова деветта макфестовска победа, а првпат во една вечер ги освојува и првото и второто место.

– Зошто толку сум поврзан за Штип и за „Макфест“? Едноставно тука се има една поинаква енергија. Само тука може да се случи полуфиналето да звучи како финале, а причина за тоа секако е љубовта на сите што се дел од оваа приказна и кои со години ја градат. Во текот на годината јас цело време создавам, но кога ќе дојде март, април знам дека е време да му се посветам на „Макфест“. И во иднина чувството ќе биде исто, со сета почит за публиката, изведувачите… Веќе 11 години моите песни ги пеат други, но не е исклучена можноста и јас повторно да запеам на макфестовската сцена – ни рече Самарџиев.

Третото место ѝ припадна на Марија Данева, која ја испеа мелодијата „Твоја“ на Роберт Билбилов, на текст на Ана Антовска. Таа доби и награда за сценски настап. Да постоеше статуетка за најемотивно земање награда, сигурно ќе ѝ припаднеше, бидејќи од наплив на емоции и солзи не можеше да каже ни збор. Но токму емоциите биле и ќе бидат она нешто што овој фестивал го прави толку посебен сите овие години, тоа е клучот за неговата долговечност.

– И покрај многуте промени и турбуленции, „Макфест“ во континуитет се одржува без ниту една година пауза, благодарение на сите нас што не дозволивме тој да згасне – вели техничкиот директор Кирил Панајтов, кој бил дел и од првото макфестовско издание во далечната 1986 година, но и во сите наредни, буквално на сите позиции, па фестивалот, како што рече, го познава во душа.
На годинашниот фестивал имаше и голем број млади пејачи, но и интерпретатори веќе докажани и кај нас и во странство, кои првпат настапуваат на макфестовската сцена, па така за најдобар дебитант наградата „Душан Љубисављевиќ“ ја доби Калина Велковска, која со песната „4“ на Сара Мејс и на Иван Петровски ги отвори и двете фестивалски вечери.

Статуетката за најдобар аранжман му припадна на Лазар Цветковски за песната „Денот што ми носи“ на Александра Јанева, двојна победничка на „Макфест“. Наградата за најдобра интерпретација, која најмногу им значи на пејачите, ја доби Лара, која доста впечатливо и емотивно ја исполни „Душа“ на Иле Спасов и на Робин Зимбаков.

Уметничкиот директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски, кој по четврти пат е на оваа функција, очигледно направил добра селекција, па меѓу песните што, секако, уште долго ќе се слушаат се и: „Огледало“ на Полина Тасева, „Луда си на мирен начин“ на Роберт Билбилов, „Не крши ме“ на Наталија Данаилова, „Невино“ на Филип Пешевски, „Да сме пак заедно“ на „Ај кју“, „Каде беше ти“ на Дејан Тасев, „Ти“ на Ѓоко Танески…
Меѓу годинашните учесници имаше многу фестивалски победници, а едни од нив секако се членовите на групата „Интервали“, кои токму во Штип го испеаја својот најголем хит, песната „Ех да сакам“. Годинава по подолга пауза се вратија на „Макфест“ и испеаја една вистинска химна, песната „За сите години“, во придружба на хор на сцената, чиј автор е Григор Копров, а текстот го напиша Александар Стаматовски.

– Настапивме на првото издание на овој престижен фестивал во 1986 година со песната „Разбуди се Дана“, а тука ги доживеавме и ѕвездените мигови, исполнувајќи го нашиот најголем хит „Ех да сакаш“. До 1996 г. бевме постојано присутни во Штип, а потоа направивме долга пауза, иако постојано сме активни со бендот. Тука сѐ е сменето, ги нема децата што трчаат за автограми, онаа позната раздвиженост, но сѐ уште се чувствуваат радоста на сите учесници и желбата за дружење – ни рече Снежана Чукова од групата „Интервали“.

Она по што годинашниот „Макфест“ ќе биде запаметен е и настапот на оперската пејачка Елена Голомеова, која живее и работи во Франција. Таа беше и членка на стручното жири, а годинашното фестивалско издание го отвори со изведба на некои од најголемите хитови низ годините, додека на втората вечер ја исполни македонската химна.

Низ двете фестивалски вечери, кои директно ги пренесуваше Македонската радио-телевизија, и тоа на најпрофесионално ниво, нѐ водеа Ведрана Ѓорѓевиќ и Миро Кацаров, штипјанец што е роден во годината кога „Макфест“ заживеа на музичкото небо. Веројатно поради тоа што настапува пред своите штипјани тој имаше и малку трема првата фестивалска вечер, зашто, како што вели, најтешко е да настапуваш пред свои сограѓани.

– Да, имав трема првите неколку минути на првата вечер и измешани емоции, но зад сцената се опуштив, бев свој на своето. Веќе 15 години сум дел од светот на шоу-бизнисот и сакав да ги опуштам младите пејачи и музичари, да им дадам ветер во грб. Инаку, драго ми е што „Макфест“ му одолева на времето, но не треба да се вртиме назад, да го бараме она што веќе поминало. Нов век, нов фестивал, нови изведувачи, водители. Не очекувам да се повтори минатото, туку „Макфест“ да добие нов сјај. Време е да создадеме нови ѕвезди – порача Миро Кацаров.

Ова фестивалско издание ќе го паметиме и по настапите на „Тумбао салса бенд“ и на Дац и на Александар во ревијалниот дел, под ведрото штипско небо. Песните пораки веќе се испратени во етерот и го почнаа своето патување. Да се надеваме дека токму тие, најпосле ќе го вратат фестивалот дома в година, во реновираниот дом на културата „Ацо Шопов“, каде што и започна оваа успешна музичка приказна.