Двајца кинески астронаути, командантот Жаи Жиганг и астронаутката Ванг Јапинг, прошетаа во вселената надвор од идната вселенска станица. Прошетката траеше неколку часа, а Јапинг стана првата Кинезинка што го доживеа тоа искуство во вселената.
Астронаутите излегоа од главниот модул на станицата „Тиангонг“ и поминаа шест часа во вселенска прошетка. Тие извршија неколку теста со роботската рака на станицата и поставија опрема за дел од конструкцијата на станицата.
Екипажот на „Шенџоу-13“ се врати во модулот по прошетката и му се придружи на астронаутот Јеу Гангху, кој им асистираше од внатрешноста на модулот. Главниот модул на станицата „Тиангонг“ влезе во орбитата на почетокот на оваа година, а станицата треба да биде оперативна од 2022 година. Тим од астронаути ќе помине шест месеци во неа.
Сегашниот екипаж пристигна на станицата на 16 октомври, а кога ќе се врати дома, тоа ќе биде најдолгата мисија на кинески астронаути во историјата. Нивното враќање се очекува во април 2022 година, а Пекинг има намера да испрати уште два екипажа во вселената, за „Тиангонг“ да добие уште два модула.
Ова е прво вселенско патување на Јеу и второ за Жаи и Ванг. Кина ја направи својата прва вселенска прошетка во 2008 година. Планот е лансирање уште два модула, како и уште три вселенски прошетки за поставување на опремата.