Се чини дека знаеме многу работи, но кога ќе започнеме да поставуваме прашања, ќе се откажеме многу брзо, затоа што има неверојатно многу непознати работи. Ви претставуваме неколку од најочигледните, а сепак целосно нејасни прашања…

Дали сме сами во вселената?
Можеби не. Потрагата по места во вселената каде што има живот, од Марс до планети оддалечени многу светлосни години, не е ништо ново. Во 1977 година, бил фатен сигнал што пренесува порака потенцијално испратена од вонземјани, а астрономите сега имаат можност да ја скенираат атмосферата во потрага по светови што имаат вода и кислород, а можеби и други форми на живот.

Како започнал животот?
Пред четири милијарди години, неколку едноставни хемикалии се сретнале и ја сочиниле биологијата, се појавиле првите молекули што имале способност да се реплицираат. Луѓето се еволутивно поврзани со овие молекули. Но како се појавиле овие основни хемикалии на Земјата и спонтано се сместиле во нешто што личи на живот, како сме ја добиле ДНК?

Од што е составен универзумот?
Астрономите сè уште не го знаат составот на 95 отсто од универзумот. Атомите, кои обликуваат сè што гледаме околу нас, објаснуваат само 5 отсто од неговата вкупна структура. Во последните 80 години стана јасно дека огромниот остаток го сочинуваат два мистериозни ентитети: темна материја и темна енергија. Првата супстанција е откриена во 1933 година, а втората дури во 1998 година.

Што е свест?
Сè уште не сме целосно сигурни. Знаеме дека одговорот е поврзан со различни региони во мозокот, кои се во интеракција, а не само со еден дел од мозокот. Идејата е дека ако можеме да сфатиме кои се овие делови, ќе можеме да разбереме како настанува свеста.

Што нè прави луѓе?
Набљудувањето на нашата ДНК нема да одговори на ова прашање: човечкиот геном е 99 отсто идентичен со геномот на шимпанзата. Сепак, ние имаме поголем мозок од повеќето животни, односно имаме трипати повеќе неврони од горилите. Исто така, многу елементи за кои сме мислеле дека нѐ прават единствен вид, како што се јазикот и употребата на алати, исто така се наоѓаат и кај животните.

Зошто сонуваме?
Ние поминуваме една третина од животот спиејќи. И покрај тоа, научниците сè уште се обидуваат да откријат зошто спиеме и сонуваме. Застапниците на теориите на Сигмунд Фројд веруваат дека соништата претставуваат неисполнети желби, честопати од сексуална природа, додека други се прашуваат дали соништата се нешто повеќе од случајна активност на мозокот што спие.

Зошто нештата постојат?
„Нештата“ од кои сме создадени се всушност материја што има свој двојник – антиматерија, која се разликува само по електричното полнење. Кога ќе се сретнат, и двете исчезнуваат во еден блесок на енергија. Во моментов, теориите сугерираат дека Големата експлозија создала еднакво количеството од двете материи, а тоа би значело дека веќе би требало да се сретнеме со нашите двојници. За среќа, се чини дека природата сепак е пристрасна, со оглед на тоа што сè уште сме тука.