Археолошкиот музеј на Македонија започна нова активност под наслов „Прашај го археологот“. Преку неа на своите млади посетители, децата од училишна возраст, тој им овозможува да постават прашања за сѐ што ги интересира од областа на археологијата. Преку поставена објава на социјалните мрежи ќе биде наведен начинот на кој децата ќе можат да ги испратат своите прашања до Музејот – преку коментар или преку порака. Одговорите на прашањата ќе бидат приспособени кон возраста на испраќачот, а ќе бидат во форма на видеоснимка. Форматот на секој одговор ќе се состои од читање на прашањето и името на испраќачот, на кое ќе следува соодветниот одговор.

– Доколку пристигнат голем број прашања, тие ќе бидат одговарани во неколку наврати, со цел сите деца да добијат одговор на своето прашање. На крајот видеоснимката ќе биде поставена на социјалните мрежи – потенцираат од Археолошкиот музеј.

„Прашај го археологот“ е во согласност со годинашната тема на Меѓународниот ден на музеите – 18 мај, ,,Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“.