Кинеската интернет-платформа „Довин“ ги отстрани клиповите на британскиот цртан филм „Прасето Пепа“, бидејќи е оценето дека овој лик станал икона на мрзливоста и на антисоцијалната младина. Најмалку 30.000 видеоклипа се отстранети од популарната платформа, а на сајтот е забранет хаштагот #PeppaPig, пишува весникот „Глобал тајмс“.

Според документите што ги цитираше весникот, цртаниот филм на Би-би-си е цензуриран на истиот начин како што се третираат мажи што се облекуваат како жени, експлицитна голотија или „еротското однесување“.
Серијата во Кина се прикажува од средината на 2000 година и стана мошне популарна преку епизодите синхронизирани на мандарински јазик. Популарноста кон крајот на 2017 година почна да се шири меѓу тинејџерите, а многумина почнаа да ставаат и привремени тетоважи со ликот на прасето Пепа и да прават самослик со нив. Во продажба се појавија и филџани, часовници и облека со ликот на познатото розово прасе, главниот лик на цртаниот филм.

„Народен дневник“, гласилото на владејачката Комунистичка партија, минатата недела го критикуваше штетното влијание од комерцијализацијата на Пепа, која е поттикната од популарни кинески личности на Интернет.
– Голем број ученици се обидуваат да се натпреваруваат со своите часовници со ликот на прасето Пепа и со други модни додатоци, од што корист имаат само производителите на фалсификувана стока – наведува весникот.
„Глобал тајмс“, пак, ја опишува „зависноста“ меѓу децата со тоа што ја наведува реакцијата на родителите на однесувањето на своите деца, кои во последно време, охрабрени од цртаниот филм „гровтаат и скокаат во бари“.