Шеесет и пет години рокенрол и педесет години „Вудсток“

Интересно е да се истражи потеклото на рокенролот. Се работи за еволутивен процес. Во таа смисла го застапувам ставот дека ниту еден музички запис не може да се окарактеризира како прв рокенрол-запис. Има повеќе примери на песни и изведувачи во кои се навестува новиот музички жанр. Сите тие се предрокенрол-песни и хитови што го трасираа патот за највозбудливиот музички жанр. На еден начин, најраните корени на рокенролот датираат од средината на 1930-тите, поточно во 1934 г., кога сестрите Босел се појавија во филмот „Трансатлантската весела трка“ и ја испеаја песната „Rock & roll“. Некоја година подоцна, во 1942 г., колумнистот на „Билборд“, Маори Ороденкер, пишувајќи за пејачката Розета Тарп и нејзината песна „Rock me“ го употребува терминот рок и рол. Пак некоја година подоцна, во април 1949 г., од Гари Картер е снимена песната „Rock Awhille“, која, исто така, важи за еден од првите рокенрол-звуци. Има и такви што тврдат дека ритам и блуз-хитот „Rocket 88“ на Џеки Бренстон, напишан од Ајк Тарнер во 1951 г., е првата рокенрол-плоча. Заслугите за оваа песна му биле припишани на Џеки Пренстон, иако таа во најголема мера била дело на 19-годишниот водач на оркестар и млад талент на студиото „Сан рекордс“, чие име е Ајк Тарнер. Како што е спомнато погоре, песната е издадена во 1951 г. и е сметана за прва рокенрол-песна. Други пак уверуваат дека тоа била песната на Џуниор Паркер од 1953 г., „Mystery Train“. Само една година подоцна, кога поранешниот 20-годишен камионџија Елвис Присли ја снимил својата верзија на „Mystery Train“, било јасно дека рокенролот забрзано стигнува и се етаблира на јавната музичка сцена во САД.

Меѓу првите е и Фатс Домино, со песната „The Fat Man“ од 1949 г. Домино е ритам и блуз-изведувач од Њу Орлеанс, кој со оваа песна како да пее и нов вид буги, во кое се насетуваат првите ритми на рокенролот. Друг пример е емисијата на диџејот од Кливленд, Ален Фрид, кој уште во 1951 г., кој во радиошоуто „Moondog on Rocken roll party“ пуштал музика од афроамерикански изведувачи што најмногу ја слушала белата публика во САД. Сепак, новото и возбудливо доаѓа со Бил Халеј и неговиот бенд „Комети“, кој многу историчари на музиката го сметаат за прв рокенрол-бенд. Бил Халеј бил еден од првите музичари што го претставиле звукот на рокенролот пред широката публика. Неговиот хит „Rock around the Clock“ од 1954 г. бил пресвртница, бидејќи тоа е музички хит што рокенрол-музиката ја претвори во младинска треска. Прв светски рокенрол-хит. Веќе се зборувало за новата музика, која се разликувала од цивилизираните музички сфаќања на возрасните. Хитот почнал да се искачува на врвовите на светските топ-листи, што било знак дека се случува нешто ново. Ново и возбудливо.

Овој музичар инспирацијата за своите песни ја црпел од афроамериканскиот ритам и блуз, па било прашање на време кога познатите афроамерикански ритам и блуз-артисти како Чак Бери, Бо Дидли и Литл Ричард ќе ја освојат белата публика во САД. Инаку, покрај хитот бр. 1 „Rock around the Clock“ во 1954 г., истата година големи хитови се и „Hoochie Coochie Man“ (блуз-стандард со елементи на ран рокенрол) од Мади Вотерс, „Shake, Rattle and Roll“ (ритам и блуз што навестува рокенрол) од Џо Тарнер, „I Got A Woman“ (микс од џез, ритам и блуз, со елементи на рокенрол) од Реј Чарлс и „Mambo Baby“ (мамбо-песна што навестува рокенрол-ритми) од кралицата на ритам и блузот, Рут Браун. Приказната за рокенролот е нецелосна ако во неа не е и кралот на тој жанр Елвис Присли. Неговата кариера започна со „That’s All Right“, блуз-песна од Артур Крадруп обработена од Елвис Присли во рокабили-стил.

И сега, 1995 г. е прва година на рокенрол-експанзијата. Неизоставен е и Литл Ричард со неговиот голем хит „Tutti Frutie“ (1955 г.), како една од првите рокенрол-песни. Со оваа песна Ричард ја патентира својата ономатопеја на удиралки што ја слушаме на самиот почеток на песната. Овој негов бескомпромисен стил беше инспирација за многу идни ѕвезди на рокенролот. Потоа следуваат и легендарните: „Long tall Sally“ (1956 г.), песна со голем број награди, уште повеќе обработки и први места на сите светски топ-листи; и „Good Golly, Miss Molly“ (1958 г.), рокенрол-стандард за сите времиња, песна напишана во 1956 г., а издадена две години подоцна, кога ги освои првите места на сите светски топ-листи. И двете се енергични, брзи, динамични. Времето ништо не им може.

Доаѓаме до Чак Бери. Највлијателниот автор на рокенролот на сите времиња. Ги вади незаборавните хитови „Majbellene“ (1955 г.), адаптација на традиционалната песна „Ida Red“; „Roll Over Bethoven“ (1956 г.), најобработувана песна во историјата на рок-музиката, бидејќи е ултимативен повик за борба и песна што ја дефинира новата ера на рокенрол-музиката; „Rock and Roll Music“ (1957 г.), песна влезена во историјата на рокенрол-музиката со посебен гитаристички стил, обработена од „Битлси“ и „Бич бојси“; „Johny B. Goode“ (1958 г.), најголемата рокенрол-химна со препознатлив гитарски риф, всушност е автобиографска песна, која зборува за младо момче што си замислува дека некогаш ќе биде дел од светлосните реклами, и „Sweet Little Sixteen“, рокенрол-класик. Овие песни му го донесоа на Чак Бери признанието прв поет на рокенролот. Светски хитови еден од друг подобар, но сепак приматот го има безвременската „Johny B. Goode“ – најголема рокенрол-химна на педесеттите години.

Сотир Костов