Ако ви е доста од трчање и стрес

Луѓето во Јапонија го користат зборот „укино“ за да го опишат својот став спрема бавниот начин на живот. Тоа буквално значи да се живее во моментот, да се минува побавно низ секој дел од животот, пишува порталот „Локал“.
Денес жителите на нашата планета живеат побрзо, работат и размислуваат побрзо отколку пред неколку децении. Успеавме да создадеме посебно и
единствено опкружување, кое стана побрзо од нашите умови и постојано оди уште подалеку.
За жал, во вакви услови ние не сме во можност да уживаме во својот живот онака како што би требало и како што посакуваме, па крајно време е да го
забавиме темпото. Токму сега е вистинскиот момент за побавно живеење.
Бавниот животен стил е создаден како алтернатива на брзиот, односно како преселба од местото на желбата на местото на потребата.
Токму овој концепт на современ бавен живот ќе ни овозможи да го забавиме темпото во секојдневната рутина, за постигнување поквалитетен живот.
Во бавниот животен стил има помалку стрес, а тоа ни овозможува да живееме поздраво, ментално да бидеме постабилни и да градиме поквалитетни односи и врски, што ќе можеме редовно да ги контролираме.
Неколку совети за забавување на секојдневната рутина.

Правете само едно нешто
Во повеќето случаи извршувањето повеќе работи истовремено нѐ прави нервозни. На пример, кога трчаме или возиме, би требало само тоа да го правиме, без деловни телефонски повици или разговори со случајни минувачи, без вести на радио, учење странски јазик, планирање на дневниот распоред или сериозно размислување за некој проблем. Наместо тоа, уживајте во утринското трчање или возење. Слушајте ги звуците на природата, отчукувањата на срцето и живејте во мигот.

Помалку бучава, повеќе тишина
Навикнати сме на бучавата и таа е насекаде. Телевизорот и радиото постојано се вклучени, известувањата на нашите телефони исто така се гласни без никаква причина. Зошто тогаш да не можеме да исклучиме сѐ кога нема да имаме потреба од тоа? Молчењето е клуч за опуштањето. Обидете се да го правите тоа најмалку 15 минути дневно. Исклучете се, слушајте ги своето дишење, својот ум. Едноставно бидете сами со себе.

Заборавете на лошите навики
Сите имаме лоши навики, бидејќи сме само луѓе, но мораме ли постојано да правиме едно исто? Понекогаш нема потреба да се оптоваруваме без причина. На пример, пушењето, пиењето уште една чаша вино, сурфањето на интернет или купувањето непотребни работи. Замислете колку пари и време можеме да заштедиме ако не го правиме тоа? Голем број од овие штетни навики му штетат и на нашето здравје. Бидете искрени и прашајте се, потребни ли ви се тие навистина?

Обидете се да бидете офлајн колку што можете подолго
Поврзани сме со интернет и на располагање сме 24/7. И Месиџ, Ватс ап, Инстаграм, Фејсбук и другите мрежи се неопходни, но не се задолжителни 24 часа на ден. Има сѐ повеќе луѓе што се обидуваат да не се достапни постојано, бидејќи тоа им го одвлекува вниманието. Кој вели дека треба веднаш да одговориме на сите пораки, телефонски повици и е-пошта? Несомнено, сето тоа може да причека до некој соодветен дел од денот или неделата. Намалете го времето што го минувате на Инстаграм и обидете се да не бидете поврзани барем наутро или додека ручате. Не постои ништо толку важно што не би можеле да го пропуштите. Исто така, некои психолошки тврдења велат дека треба да се исклучи интернетот два часа пред да си легнете.

Уживајте во деталите
Користете го своето време за едноставно посматрање и уживајте во деталите. Обидете се да бидете позитивни, па дури и тогаш кога тоа баш и не е лесно изводливо. Во нашите животи има доволно стресни ситуации, па затоа ајде за миг да ги оставиме на страна. Запрашајте се кога последен пат сте го почувствувале мирисот на вашиот омилен цвет или сте купиле без повод убав букет. Кога сте уживале во некој пејзаж или едноставно во залез на сонцето од вашиот прозорец. Квалитетно можете да го минете времето и кога сте сами. Ете, обидете се да вечерате на маса, со убаво декорирана чинија и без ниедно технолошко чудо во близината, но со звуците на омилената песна.