Планираме и настапи во регионов, па и некои соработки, но засега во фокусот ни се Македонија и авторската музика. Коцките сами се редат, затоа и не форсираме, велат Илчо и Борис

Илчо Нечовски и Борис Какуринов од „Дупер“

Откога групата „Дупер“ се појави на македонската музичка сцена пред две години, уште со првата песна „Не сум твој тип“, која сега има над 2.600.000 прегледи на музичкиот канал Јутјуб, Илчо Нечовски и Борис Какуринов се наметнаа со својата свежина и оригинален звук. Оттогаш снимија повеќе песни, но го задржаа својот препознатлив звук и, како што велат, до крајот на годината ќе го издадат и својот прв албум. Во моментот се актуелни со новата песна „Сменета“, соработка со Матеј Фолц, за која е снимен и интересен спот, во кој во една секвенца се појавува и нашиот весник „Нова Македонија“.

Досега снимивте десетина песни, спотови, добивавте награди и што е најважно од сѐ останавте свои, какви што бевте и на почетокот. Што научивте вие за овој период, колку ви се смени животот?
– Научивме многу и имаме уште многу. По сè, знаеме кои ни се блиски и кој што ни мисли. Најважно е дека меѓу нас двајца не е ништо поразлично, пак создаваме, се дружиме и се чуваме.

Сега сте дуо, дали ќе остане така и во иднина и кој стои продукциски сега зад вас, кој ви ги брка работите?
– „Дупер“ се Борис и Илчо и така ќе остане. Не планираме да го шириме кругот. Продукциски секогаш сме биле независни. Музиката отсекогаш сме ја создавале ние двајцата, а обврските засега можеме да ги завршуваме сами, така што во моментов немаме потреба од некаква менаџерска рака. И двајцата сме сигурни дека вака најдобро функционираме.

Како се случи соработката со Матеј Фолц?
– „Сменета“ е нашата прва соработка и се случи, да речеме, спонтано. Матеј Фолц е извонреден креативец и другар, па може да се каже дека песната е производ на едно искрено другарство. „Сменета“ претрпе многу промени, од дома, во автобус, па во студио, па пак дома итн. Процесот е многу интересен кога работиш со луѓе со кои се дружиш. Спотот на песната е дело на Ангела и на Софи од „Фроузен тајм дропс“, со кои досега сме работеле на неколку наши спотови, па некако следуваше природно и оваа песна да ја заокружат тие со визуелен аспект. Отсекогаш сакавме да направиме некаква соработка со друг артист од нашево поднебје и конечно си ја остваривме желбата.

Секој успешен креативец е различен, поинаков, препознатлив, а вие несомнено го постигнавте тоа. Дали сега ви е многу полесно поради тоа што знаете каде треба да се движите?
– Несомнено носиме нешто со себе што не можеме ниту ние да го објасниме. Досега низ сите песни гледаме стилски да не се повторуваме, а слушателите сепак го препознаваат „Дупер“ во музиката и тоа нè прави среќни. Ние продолжуваме да правиме музика што ја чувствуваме без да пробаме да му се допаднеме некому со намера. Процесот на создавање не е воопшто сменет од првата песна. Секоја песна е своевидна приказна и на некој начин независна од другите. Не се трудиме да исполниме некоја норма ниту пак се придржуваме до некои правила и затоа не ни станува здодевно.

„Не сум твој тип“ има огромен број прегледи на Јутјуб – 2.600.000, бројка што голем број музичари со долг стаж не ја достигнале. Дали сте задоволни од овој успех?
– Благодарни сме. Ако се задоволиме, ќе престанеме да создаваме. Секогаш ќе се трудиме да направиме уште повеќе и да го извадиме најдоброто од себе колку што можеме.

Пандемијата на коронавирусот е речиси зад нас, како се справивте со оваа чудна ситуација?
– Колку што беше продуктивно толку беше и непродуктивно. Од една страна добивме шанса да си ги средиме мислите и идеите, но од друга страна, ни беа скратени ресурсите за реализација. Имавме планови што, за жал, не можевме да ги реализираме, но се надеваме и посакуваме сите да го надминеме периодов живи, здрави и среќни.

Колку ве уверија живите настапи дека сте на вистинскиот пат?
– Со оглед на тоа што последниот настап ни беше одамна, можеме да кажеме дека многу ни недостига живиот контакт со публиката. Требаше да имаме неколку настапи претходниве неколку месеци, но ситуацијата, за жал, ни ги уништи плановите. Првата шанса по средувањето на проблемот со вирусов излегуваме на сцена.

Бевте номинирани и на манифестацијата МАС за најдобра алтернативна група и за најдобар спот за 2019 година. Дали размислувате за поагресивен пробив во регионот?
– Баш ни е мило што нашата музика успева да допре и до оние што не нè разбираат. Планираме и настапи во регионов, па и некои соработки, но засега во фокусот ни се Македонија и авторската музика. Коцките сами се редат, затоа и не форсираме. Првичната цел ни беше да бидеме македонски бенд што ќе твори на македонски јазик, но секоја новост однадвор е добредојдена и среќни сме што успеваме да допреме до слушателите надвор од Македонија.

Бевте дел од хуманитарни настани, а токму емпатијата е она што периодов му е потребно на светот. Какво е чувството кога даруваш љубов, а не бараш ништо за возврат?
– Супер е кога можеш некому да му помогнеш. Помагаме секојдневно и кога не сме дел од кампањи. Охрабруваме емпатија и соживот. Сите сме со различни судбини, на сите ни е потребна различна помош, а најчесто е доволно само разбирање. Кругот се врти, денес ти ќе му помогнеш некому, друг ден некој ќе ти помогне тебе.