Мислам дека тоа е Светиот грал за обожавателите на групата „Битлси“. Се веруваше дека снимката е засекогаш загубена, бидејќи не е зачувана ниту видеокасетата од 1966 година. Неверојатно е што ја пронајдовме по толку време, вели Крис Пери од „Калеидоскоп“

Во Мексико е пронајдена снимка од настапот на славната група „Битлси“ во популарната емисија на Би-би-си „Топ оф д попс“ од 1966 година. Оригиналот не е зачуван, но има видео што го направил гледач од Ливерпул, кој ја снимал телевизиската емисија со камера, што трае 11 секунди. Снимката на крајот завршила во рацете на колекционер од Мексико. Тој ѝ се обратил на организацијата „Калеидоскоп“ од Бирмингем, која се занимава со пронаоѓање загубени, вредни снимки, објави Би-би-си.

– Мислам дека тоа е Светиот грал за обожавателите на групата „Битлси“. Се веруваше дека снимката е засекогаш загубена, бидејќи не е зачувана ниту видеокасетата од 1966 година. Неверојатно е што ја пронајдовме по толку време – вели Крис Пери од организацијата „Калеидоскоп“.

Инаку, „Бубачките“, неколкупати ги снимале песните што дополнително се емитувале во емисијата, но во живо настапиле единствено на 16 јуни 1966 година. За Дори Хауард, предавач на предметот Битлси и популарната музика на универзитетот „Ливерпул Хоуп“, ова е навистина големо откритие.

Инаку, групата последниот настап во живо го имаше во Сан Франциско, САД, 1966 година, кога беа на врвот на кариерата. Повторно се собраа во 1969 година во Лондон за настапот на покривот на нивната компанија „Епл рекордс“.