Некогашната југословенска поп-ѕвезда Татјана Матејаш Тајчи по 30 години, периодов кога е во изолација, ги собра пријателите и го отпеа својот хит „Хајде да лудујемо“, со кој во 1990 година ја претставуваше Југославија на „Евросонг“.

Со оваа песна израснаа генерации, а и денес е незаобиколна на сите забави. Новата верзија Тајчи ја сними со голем број колеги од регионот, кои пееја од своите домови.
Таа за потребите на спотот повторно го облече и добро познатиот портокалов фустан во кој пееше на евровизиската сцена. Инаку, заедно со неа пееше и нејзината помала сестра Сања Матејаш, а тука беа и: Алка Вуица, Тијана Дапчевиќ, „Фрајле“, сестрите Ивана и Марија Хусар, Доменика Жувела, Миа Димшиќ и познатата американска блогерка Кристина Кузмиќ.

– Како и други периоди во животот и тој дел кога пеев на „Евровизија“ беше исполнет со убави и не толку убави моменти, со радост и со тага. Најдраги ми беа концертите и средбите со публиката, особено со децата, кои во мене препознаа искреност, посветеност и многу љубов – се присети Тајчи на деновите на својата огромна популарност.