Според претседателот на МЕД, Славчо Христовски, прогласувањето на Шара е историски чекор, бидејќи точно 63 години немавме прогласено национален парк во земјава, по прогласувањето на НП Галичица

Македонското еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“ го поздравуваат изгласувањето на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, што Собранието го изгласа на 43-та седница со 66 гласа „за“.
– Како поддржувачи на овој долгогодишен процес сакаме да изразиме огромно задоволство и признание за сите вклучени страни во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, процес што беше долг и макотрпен, но со верба и многу работа од страна на институциите, донаторите, невладините организации и, секако, локалното население, кое изминатите години го поддржуваше овој процес – велат членовите на друштвата.
Еден од најгласните поборници за оваа иницијатива беше професорот д-р Љупчо Меловски, поранешен претседател на МЕД, кој најдобро ја познаваше Шар Планина од аспект на природни вредности и речиси постојано беше вклучен во сите активности поврзани со постапката за прогласување на Шара за национален парк и лобирањето Шара да се заштити, и тоа уште од 1997/98 година.

Одлуката донесена на роденденот на проф. Меловски

– Посакував да ја слушнам убавата вест за прогласувањето на Шар Планина за национален парк на 30 јуни, токму на роденденот на проф. Меловски, кој целиот свој живот го посвети на истражување на Шара – и се случи. Огромни се вредностите на Шара од аспект на биодиверзитетот, но и културните вредности и традиционалните практики на користење на ресурсите се значајни. Всушност, тоа ја прави Шара уникатна планина. Правната заштита е огромен успех, голем чекор напред за да се надминат притисоците со кои се соочува, но пред нас претстои уште поголема задача, да преземеме ефикасни мерки за зачувување и управување со ова значајно подрачје – изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД.
Според претседателот на МЕД, Славчо Христовски, прогласувањето на Шара е историски чекор, бидејќи точно 63 години немавме прогласено национален парк во земјава, по прогласувањето на НП Галичица.
– Морам да ја изразам мојата благодарност до Собранието, Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, особено до министерот Насер Нуредини за залагањето и успешниот резултат. Наедно им честитам на жителите од Шарпланинскиот Регион и здруженијата на граѓани и посакувам сите заедно да ја заштитиме и унапредиме природата на Шар Планина, внимателно да се грижиме за културните и традиционалните вредности, што ќе ни се врати многукратно во развој на регионот и подобрување на животот на локалното население. Посакувам многу наскоро да докажеме дека националниот парк Шар Планина ќе донесе прогрес и ќе ја олесни прекуграничната соработка, а сигурен сум дека прогласувањето веќе ги докажа цивилизациските вредности на нашето општество, и покрај тоа што нив постојано се сомневаме – изјави претседателот на МЕД, Славчо Христовски.
Со Шар Планина како четврти национален парк во државата се заокружува сложувалката што недостигаше и во регионот се добива прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244.617 хектари. Имено, во Косово постои национален парк од 1986 година, а во Албанија постои заштитено подрачје Кораби во категоријата парк на природа од 2011 година. На тие подрачја се надоврзува и нашиот национален парк Маврово, со што целиот простор со извонредни биолошки и естетски вредности може да добие интегрална заштита.
Претседателот на „Пријателите на Шара“, Метин Муареми, упати честитки до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, кои стоеја цврсто на овој долгорочен, но многу неопходен процес за сите жители што живеат на Шар Планина, но и кон другите што веруваа во вредностите што ги има.

Долгогодишно чекање заштита

– Како платформа „Пријатели на Шара“ повеќе од пет години поминавме пат со многу предизвици и тешкотии, се соочивме со поддржувачи и противници, но во ниту еден момент не отстапивме од нашата цел, да ја видиме планината заштитена, бидејќи веруваме во вредностите што ги има за локалните жители, но и за поширокиот регион. Како платформа веруваме во добра соработка со идната управа на НП Шар Планина и поддршка на нов модерен парк што ќе се грижи и за природата и за луѓето – вели Метин Муареми, претседател на платформата „Пријатели на Шара“.
Во националниот парк, кој вклучува 30 села со нешто повеќе од 26.000 жители, се очекуваат голем број придобивки, не само кон зачувување на природата, туку и социоекономски, па дури и демографски. Екологистите се убедени дека Шар Планина може да биде зачувана и да привлекува туристи како прочуени национални паркови во светот и регионот, бидејќи од аспект на природни вредности таа има сѐ што треба да има еден национален парк. Но успехот на заштитата нема да зависи само од идниот управувач, туку и од промената на свеста кај сите што ги користат природните ресурси на планината во изминативе децении, почнувајќи од бизнис-секторот, јавните претпријатија, па сѐ до локалното население.

МЕД и „Пријателите на Шара“ продолжуваат со своите активности во регионот. Членовите на платформата „Пријатели на Шара“ се вклучени во проекти поврзани со промоција на природните вредности и туризмот во регионот, поддршка на локални иницијативи и актери не само на Шар Планина туку и во регионот.
Заканите врз природата на Шар Планина остануваат и понатаму присутни. Покрај „малите“ хидроцентрали, илегалната сеча, криволовот и постојаната урбанизација, односно никнувањето илегални градби низ планината, многу често се пробиваат нови патишта, се пренаменува земјиште и слично. Законот за прогласување на националниот парк и планот за управување во идеален случај би требало да стават крај на овие отворени прашања, што не значи дека проблемите ќе згаснат со донесување на законот. Идното тело за управување ќе има многу работа на контрола на овие појави, едукација на населението и овозможување активности што ќе имаат придобивки од воспоставената заштита.