Тринаесетти пат ќе се одржи Фестивалот за современи уметности АКТО од 23 до 25 август во Битола, во организација на Факултетот за работи што не се учат, на темата „Општество во изградба“.

Куратори на фестивалот се Ивана Васева и Филип Јовановски, додека куратори на музичката програма се Виолета Качакова и Мирко Попов. Куратори на програмата АКТО-агора се Ивана Васева, Биљана Тануровска-Ќулавковски и Филип Јовановски.
Годинава, АКТО ќе има 5 програми и тоа уметничка програма, музика, агора, АКТО за заедницата и АКТО-воз, некои од нив специјално создадени за фестивалот. Во рамките на фестивалот ќе учествуваат многу соработници, кои имаат цел да го градат неговото социјално, културно-уметничко и урбано заедништво, а како простори за своите активности, фестивалот ќе ги користи јавните ресурси што ги нуди градот. АКТО годинава го отвора прашањето, во кој контекст се создава фестивалот и каков контекст тој создава.

– Промената на општествено-политичката констелација во земјава отвори серија прашања, недоумици и фрустрации во сите сфери на јавниот живот. Нетрпеливоста и тешкиот пат на ослободување од напластениот гнев, но и изразените партикуларни интереси проследени со силна пропаганда на успешност, се кочница во сериозната анализа на случувањата и проекциите за иднината. Слабите стратегии на разединетите институции, може повторно да ги заглават потентните нови форми на вонинституционално дејствување, кои можат да бидат инспирација за многумина. Културата и уметноста, изманипулирани и разулавени, нѐ соочуваат со основните прашања, дали ќе дозволиме тие да бидат алатка на лични интереси, национал-клиентелизам и/или либерални стратегии или одлучно ќе овозможиме да свртат друг правец во градење стабилна и силна социокултурна и уметничка сцена – велат кураторите на фестивалот.

АКТО ќе работи и за локалната заедница преку своите работилници, промовирајќи ги колективноста, заедничкото учење и еманципација како водечки парадигми на фестивалот, а и преку музичката програма, не само да го мотивира локалниот контекст, но и да ги акцентира важните музички достигнувања.
АКТО-агората, како еден најголем јавен собир, ќе ги отвори прашањата токму за контекстот, односно во каков контекст (треба) се создава културата, а АКТО-возот, како една континуирана практика на фестивалот, ќе се обиде да создаде проток на луѓе и размена на идеи.

Фестивалот се реализира со директна поддршка на платформата „Мрдни со прст“, чија мисија е да се поттикне акција размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања што нè засегаат сите, бидејќи секоја активност на граѓаните придонесува за поголеми резултати и промени.