На 21 и 22 август во селото Богомила, како централно место и во регионот на Азот, ќе се одржи фестивалот „Азот 2021 мтб предизвик“, кој е во организација на велосипедското здружение „Велес бајкинг“ и Општина Чашка. Настанот оваа година се одржува по седми пат, во еден од најживописните делови на Македонија, во селото Богомила, како централно место на збиднувања на сите настани. Целокупниот настан ќе се одржува два дена, со голем број настани за сите учесници.
– Првиот ден е предвиден за лесна велосипедска прошетка до манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ – Согле, објект што предизвикува вистински восхит кај сите посетители. Покрај оваа активност, предвидени се голем број активности, и тоа: натпревар во велосипедски техники за најмладите велосипедисти учесници, проекција на документарни филмови за Богомилското движење и за регионот Азот, диџеј-лига на шампиони (натпревар во најдобар диџеј помеѓу велосипедистите) и, секако, голема рок-журка, која ќе трае до полноќ – информираат организаторите.
Вториот ден, неделата, е предвиден за возење велосипед низ преубавите пејзажи на регионот Азот. Во поглед на патеките, предвидени се четири патеки, кои во потполност ќе ги задоволат сите оние што сакаат да учествуваат на #АЗОТ2021МтбПредизвик.

– Предвидени се „ултра биг треил“ од 52,4 километри, која ќе биде лимитирана за учество, само за најподготвените, средна патека, „хард опшн“ од 35,4 км,
средна патека „лајт опшн“ од 34,1 км, лесна патека од 16,8 километри. Исто така ќе има и планинарска тура од 14,7 км, на релацијата Нежилово – извори на Бабуна и назад – дополнуваат организаторите.
Највисоката висинска точка на која поминуваат велосипедистите е 1.435 м.
Сите патеки во најголем дел поминуваат низ неколку села од областа Азот, и тоа Богомила, Црешнево, Капиново, Нежилово, Папрадиште Планинарски дом Чеплес.
– Неизбежен дел од овој предизвик е погледот на текот на реката Бабуна низ Нежилово и Богомила, текот на Чеплеска Река, која се влева во Бабуна во Нежилово, близината на изворите на реката Бабуна, поглед кон врвот Солунска Глава (2.451 м) и неколкуте попатани мали и живописни водопади – велат од „Азот 2021 мтб предизвик“
Изминати четири години на настанот досега како директни учесници присуствувале над1.500 велосипедисти од земјава и од многу други држави.
Мотото на организаторот на овој настан ЗГ „Велес бајкинг“ е да овозможи вистински предизвик за секого, затоа што вистинскиот мотив на секој велосипедист е предизвикот пред непознатите предели, тежината на патеките и, најважно од сѐ, самодовербата како фактор за надминување себеси.