Британските медиуми пренесуваат дека популарната хумористична серија „Сплетки“ најверојатно ќе претрпи одреден вид цензура „поради многубројните навредливи коментари на главните протагонисти, пред сè на сметка на жени и мажи со црна кожа“. Британската серија, која е снимана во 1980-тите и 1990-тите години, навистина е производ на своето време и сценариото е полно со реплики, кои тогаш биле прифатливи.

Во една сцена Дел Бој, кого го глуми Дејвид Џејсон, продавајќи часовници на пазар вели: „Како да ги подарувам за 10 фунти. За црнци 15, не може да биде почесно од ова“. Ова е само еден од многубројните примери.

Би-би-си претходно се обиде да го ублажи речникот во „Сплетки“ кога се емитуваше преработена епизода во 2010 година, но ова предизвика остра критика кај гледачите. На стрим-платформата Нетфликс и понатаму се прикажуваат оригиналните епизоди.
Според британските медиуми, некои епизоди ќе бидат тргнати од програма или, пак, серијата ќе објавува предупредување за гледачите дека содржи навредливи делови за одредени раси и националности.