По минатогодишната пауза, се враќаат божиќните базари во Виена. Целиот плоштад пред градското собрание е ограден, а посетителите што се вакцинирани или го прележале коронавирусот ќе можат да уживаат во магијата на мирисите на цимет, варено вино, костени и божиќни колачи до 26 декември.
Во последните недели се подготвуваше најпознатиот и најголемиот божиќен спектакл во Виена, „Божиќниот сон“, вклучувајќи ги и божиќните базари. На 13 локации низ градот се отвораат базари, кои во 150 колиби нудат различни божиќни деликатеси, шарени ракотворби, мирисливи тезги и имагинативни идеи за подароци.
Годинава како придружна програма двапати дневно ќе настапува дувачки оркестар, за дополнително да ја разубави празничната атмосфера. Покрај базарите, во Виена со нетрпение се очекува и украсувањето. Годинешното празнично осветлување ќе ги претвори џиновските дрвја во „Ратауспарк“, веднаш до градското собрание, во божиќен свет како од бајка.
Предновогодишната рута во Виена, која е една од најголемите новогодишни прослави во Европа, е откажана. Меѓутоа, исчекувањето на 27-от „Виенски леден сон“ е поголемо. Ако сѐ оди според планот, плоштадот пред градското собрание треба да се претвори во лизгалиште на 19 јануари 2022 година.