Издавачкиот центар „Три“ ја претставува авторската книга „По дождот“ на филмскиот, телевизиски и театарски глумец и боем во душата Раде Шербеџија. Промоцијата на книгата ќе биде вечерва, во 19 часот, во Клуб-ресторанот во МКЦ. Промотор ќе биде нашиот истакнат писател и колумнист, Венко Андоновски.

– Книгата излезе од печат во 2018 година, а деновиве го имаме Раде во Скопје да ни ги разгали душите со своето маестрално, топло, човечко и љубовно писмо. Главната тема што се провлекува како нишка низ испреплетените парчиња текст е чувството на вечен егзил, патување во кое не постојат други граници, освен реалните. Тие често како тегобност создаваат немир за кој мора да се пишува. За да се ослободат мислата и минатото, да се вкрстат патеките, да се заспие покрај морето или океанот. Да се одглуми најтешката улога, помирувањето со себеси, како странец во друга земја.

Секогаш неодреден, секогаш надвор од метежот, а внатре во себеси, Раде не е обичен раскажувач, тој е интимен сопатник низ поглавјата што ги ткае – вели издавачот.
Како култна икона на југословенскиот простор, овој заводлив и контроверзен актер и раскажувач ја создава својата книга на животот со леснотија опишувајќи ја најтивката и најгласна борба на вечното патување.