Враќањето во скопската зоолошка градина на шимпанзото Коко, кој десет години беше на ресоцијализација во Холандија, предизвика многу емотивни реакции во јавноста, но една од поемотивните е фотографијата на која се гледа првата средба меѓу Коко и неговиот поранешен чувар Драган.

– Десет години подоцна се сретнаа двајцата верни другари. Тогаш, Драган беше еден од луѓето кои инсистираа Коко да замине на ресоцијализација, иако силно приврзан за него. Денес, Коко веднаш го препозна Драган. Се израдува како мало дете. Додуша и двајцата се израдуваа. Ние плачевме. Навистина е многу емотивно кога ќе видиш колку животните знаат да дадат љубов и ги памтат оние кои ги сакале – пишува Тина Мицковска, портпарол на скопската Зоолошка градина.

Со Коко утринава пристигнаа уште три шимпанза, со кои тој го делел живеалиштето во Холандија.

– Со стручен тим од ААП-Прифатилиште за егзотични видови – организација која спасува илјадници животни и каде што престојуваа Коко, Мими, Роси и Хјасл, денеска рано наутро шимпанзата беа пренесени во новото живеалиште. Моментално се во карантинскиот дел, каде што треба да се адаптираат, заедно со своите чувари од Холандија – велат од ЗОО Скопје.

Шимпанзата ќе имаат огромно живеалиште со внатрешен и надворешен дел, збогатен со многу реквизити. За нив ќе се грижат четири зоо-негуватели.

Коко од 2009 година беше на ресоцијализација поради анксиозност и депресија.

– Во 2009 година Коко беше единствено шимпанзо во ЗOO Скопје, во тинејџерски години кога најмногу му треба друштво и љубов. Поради тоа што покажуваше знаци на анксиозност, но и поради несоодветното живеалиште, Зоолошка градина Скопје, заедно со неколку новинари во тоа време покрена иницијатива преку ЕАЗА (Група за техничка помош и животинска благосостојба) Коко да биде испратен на ресоцијализација. ААП, една од најдобрите светски организации за ресоцијализација и спасување животни, веднаш ги отвори вратите за наш Коко. Таму во текот на годините стекна многу нови другари и меѓу вработените и меѓу шимпанзата – велат од ЗОО Скопје.