Доаѓа крајот на проблемите со спиењето, бидејќи во Самара, Русија, следната година ќе почне масовно производство на очила против несоница.
Овој уред ќе помага луѓето да се приспособат на временските зони (по долг лет со авион), ќе го олесни заспивањето по долги ноќни смени, а исто така ќе донесе придобивки за оние што се справуваат со депресија.
Специјалните очила „блу скај про“ се создадени во електромеханичката фабрика на корпорацијата „Ростекс“, во Москва, а се развиени во соработка со државниот медицински универзитет. Очилата овозможуваат регулирање на циркадниот ритам што ги усогласува дневните и ноќните функции на сите органи во телото. Еден од главните фактори за усогласување на овој ритам е изложеноста на дневна светлина, а особено утринската светлина по будењето.
Активностите на човечкото тело се синхронизирани со ритмички промени на светлината и темнината, а неприродните „режими“ диктирани од работа во текот на ноќта или престој на крајниот север или југ (со долги поларни денови и ноќи) – се мешаат во природните циклуси. Очилата помагаат дури и кога имате сосема нормален дневен ритам, кога дома или на работа – нема природна светлина.
Принципот е многу едноставен: очилата емитуваат светлина слична на сонцето, која влегува во мрежницата на окото и ја активира работата на мозочните клетки одговорни за биолошкиот часовник. Значи, ако ги ставите помеѓу 6 и 10 часот наутро, а попладне од 14 до 18 часот и ги носите само половина час, циклусот на спиење ќе биде целосно обновен.

– Светлината што ја емитуваат очилата ги активира мозокот и внатрешниот биолошки часовник. Така, наутро уредот ви овозможува да се ослободите од сонливост, а навечер да го „одложите“ спиењето до 23 часот – изјави директорот на производствениот погон, Василиј Мухин.
Се препорачува очилата да се носат 15 минути во текот на работниот ден ако се чувствувате сонливо.
Физиолошкиот ефект на уредот е пренесување на ноќниот биоритам на дневен и одложување на раната вечерна сонливост – велат креаторите на пронајдокот за „Комсомолскај правда“.
Ако работата бара од вас да менувате смени, по ноќната работа, очилата ќе ви помогнат да се вратите во нормален ритам, за да не страдате од неможноста да заспиете. Инженерите исто така велат дека овој пронајдок може да ја подобри состојбата во случај на депресија, намалена концентрација, невроендокрини заболувања. Уредот веќе е тестиран на северот на Русија, во услови на поларна ноќ.