Легендарниот стрип-автор Стен Ли, креаторот на суперхероите од Марвел, како што се Спајдермен, Ајронмен, Халк, Тор и други, почина синоќа на 95-годишна возраст во болница во Лос Анџелес.

Како главен автор за „Марвел Комикс“, а подоцна и како издавач, Ли се смета за творец на современиот стрип. Тој ги збогати стриповите со акција, сложени приказни, сатира, научна фантастика и филозофија, што ги интересираа младите луѓе, во 60-те години на минатиот век.

Тој придонесе за новата ера на раскажување приказни, а неговите дела оставија голем белег на филмската индустрија. Ли го сакаше стрипот и беше многу продуктивен, креирајќи нови стрипови безмалку секојдневно.

– Напишав стотици, дури илјадници стрипови. Толку многу, што не се ни сеќавам веќе! – рече Ли во 2006 година.

Стен Ли вообичаено се појавуваше во кратки споредни камео-улоги во филмовите инспирирани од неговите стрипови.