Една од последните актерски ѕвезди од златната доба на Холивуд, Кирк Даглас, почина на 103-годишна возраст. Информацијата за смртта на Даглас за списанието „Пипл“ ја потврди неговиот син, исто така одличниот актер во Холивуд, Мајкл Даглас.
Даглас е роден во Њујорк во 1916 година, а на филмското платно дебитира во 1946 година, во „Чудната љубов на Марта Ајверс“. Тој трипати беше номиниран за „оскар“, за улогите во „Шампион“, „Лошото и убавото“ и „Жед за живот“. Сепак, „оскар“ доби дури во 1995 година за животно дело.

Играше една од најпознатите филмски улоги во познатиот филм „Спартак“ од 1960 година.
– Во светот, тој беше легенда, актер од златното време на филмовите… Но за мене и за моите браќа Џоел и Питер, тој едноставно беше татко – рече Мајкл Даглас во објавата за смртта на својот татко.

Некои од неговите најзначајни улоги ги има остварено во филмовите: „20.000 милји под морето“ (1954), „Поход за живот“ (1956), „Патеки на славата“ (1957), „Викинзите“ (1958), „Осамени се храбрите“ (1962), „Седум дена во мај“ (1964), „Хероите на Телемарк“ (1965), „Сатурн 3“ (1980) и „Тешки момци“ (1986).
Последната филмска улога ја имаше во 2004 година, во нискобуџетен филм во кој глумеше режисер.