Деведесет и двегодишната калуѓерка, која се заколнала на молчење, самотија и сиромаштија, почина во манастирот во кој го мина животот во последниве три децении, меѓутоа целосната приказна за животот на Мери Џозеф е далеку од традиционална.

Пред да го посвети животот на молитва, била позната како Ен Расел Милер, богата припадничка на високото друштво во Сан Франциско. Организирала раскошни забави, имала сезонски билети за опера и била мајка на десет деца. Родена во 1928 година, Ен сонувала да стане чесна сестра, но се заљубила. На 20 години се омажила за Ричард Милер, кој станал потпретседател на компанијата „Пасифик гес енд електроникс“.

– До 27 години имала пет деца – вели нејзиниот најмлад син Марк Милер.

Потоа родила уште пет деца.

– Имаше милион пријатели. Пушеше, пиеше, се коцкаше. Возеше толку брзо и невнимателно што луѓето сакаа да излезат од нејзиниот автомобил. Однаш престана да пие и да пуши – раскажува синот.

Ен своето семејство го одгледувала во една вила со десет соби и со поглед на Заливот Сан Франциско, а била позната и по тоа што ги носела пријателите на скијање, на медитерански јахти и археолошки ископувања. Била член на 22 различни одбора и собирала пари за талентирани студенти, бездомници и за римокатоличката црква.

Нејзиниот сопруг починал од карцином во 1984 година и тогаш почнал процесот за придружување во еден од најстрогите редови на чесни сестри во светот. Пет години подоцна се одрекла од сеЃ што имала за да им се придружи на сестрите од Маунт Кармела во Дес Плејнс, Илиноис.

Тамошните сестри имаат аскетски ред и генерално се заколнати на молчење. Не го напуштаат манастирот, освен ако е неопходно, како што е, на пример, одењето на доктор.

Тие зборуваат само ако имаат да кажат нешто од голема важност.

– Беше необична сестра. Не пееше баш убаво, доцнеше со своите обврски. Во последниве 33 години ја видов само два пати, а кога одите да ги посетувате не смеете да ги допирате ниту прегрнете. Одвоени сте со двојна метална ограда – раскажува Марк.

Ен имала 28 внуци, од кои многумина никогаш не ги запознала, а имала и десеттина правнуци, кои никогаш не ги земала в раце.

Спиела на дрвена плоча, покриена со тенок душек, а во текот на денот носела облека од груба ткаенина и сандали.

За 61 роденден Ен организирала забава за 800 гости во хотелот „Хилтон“ во Сан Франциско за да се поздрави со своите пријатели и со семејството.

Се служела морка храна, свирел голем оркестар, а Ен носела круна од цвеќиња. Рекла дека првите 30 години си ги посветила себе, вторите 30 години ги посветила на децата, а дека последните 30 години од својот живот сака да ги посвети на бога. Следниот ден одлетала за Чикако за да живее во манастир како Сестра Мери Џозеф.