Замина уште една балканска музичка легенда. Денеска во болницата „Драгиша Мишовиќ“ во Белград, од последици на коронавирусот почина Драгољуб Ѓуриќич (68).

Во неговата богата музичка кариера е запишано дека свирел во групите „Ју група“, „Кербер“, а десетина години во два наврати беше член и на македонската најуспешна група во регионот „Леб и сол“. Меѓу другите легендарни песни што ги отсвире се и „Бистра вода“ и „Учи ме мајко, карај ме“. Беше и тапанар на концертните турнеи на Здравко Чолиќ и Ѓорѓе Балашевиќ. Пишувал и музика за тетарски претстав и, меѓу кои се: „Арт“, „Резервоар догс“, „Поблиску“…

Роден е во Цетиња, Црна Гора, на 10 февруари 1953 година. Со музика почнал да се знаимава во 1970-те во Херцег Нови, а во 1975 година се сели во Белград и ѝ се приклучува на групата „Рибели“, со која настапува на просторот на цела екс Југославија, како бенд што ги придружувал најпопуларните пејачи од тоа време: Душан Прелевиќ, Арсен Дедиќ. Габи Новак, Лола Новаковиќ, Бисера Велетанлиќ, Нада Кнежевиќ, Кемал Монтено…

Потоа станува дел од „Леб и сол“, а во текот на својата кариера настапувал и со Корнелие Ковач, Бора Ѓорѓевиќ и други. Во текот на богатата кариера снимнил седумдесетина албуми и настапил на над 6.000 концерти во регионот.

Активно учествувал во протестите во Белград во 1996 година, предводејќи ја групата од 30-тина тапанари. Беше организатор на маниегфестацијата „Ден на тапанарите“ што се одржуваше во Белград.

По објавувањето на веста за заминувањето на Драгољуб Ѓуричиќ, многу негови колеги , музичари од Македонија, се простија од него со одбрани зборови.

– Неизмерно не растажи заминувањето на легендарниот маестро и тапанар Драгољуб Ѓуричиќ. Неверојатен човек, музичка легенда и искрен пријател, поим за врвен музичар на овие простори. Ти благодариме за твоето пријателство, почитување, дружење и несебичниот дух а посебно за историската музика што ја остави со „Леб и Сол“ и толку неброени други групи… Почивај во мир Маестро. Те сакаме – напиша Диран Тавитјан.

Од својот пријател и колега се простија и : Кокан Димушевски, Петар Младеновски, Дино Милосављевиќ, Златко Ориѓански и многу други.

М.Т.