При создавањето една обична маица, таа мора да помине низ неколку раце. Прашајте се за колкава сума работеле сите тие ако вие сега в раце ja држите таа маица и размислувате дали да ја купите за 300 денари, вели Тошева

Со своите модни колекции, промотивни кампањи и различни начини на промоција постојано се трудам да иницирам позитивни промени во јавната свест, честопати и отворајќи дебати за низа горливи теми од општеството. Гласно говорам за проблемите и селективно купувам. Уште од почетоците користам органски и еколошки материјали и со целата моја работа градам бренд што работи одржливо и транспарентно, вели модната дизајнерка Ирина Тошева, која се залага за одржлива модна индустрија и за екомода.

Кои се предизвиците на модерното време кога станува збор за модната индустрија?
– Едно време имаше две модни сезони: пролет/лето и есен/зима. Денес модната индустрија размислува за 52 „микросезони“ годишно. Со новите трендови што излегуваат секоја недела, целта на брзата мода е потрошувачите да купат колку е можно повеќе облеки, што е можно побрзо, кои се уништуваат и со првото перење. Бизнис-моделот е колку поголем обем толку помал квалитет. Модниот календар на компаниите како „Зара“, која е пионер на овој концепт, е поставен намерно да направи клиентот да се почувствува дека не е веќе „модерен“ по првото носење. Како одговор на сето ова, и голем дел инстаграм-зависници ја користат полисата на враќање на гардеробата, па ги купуваат само за една фотографија.

Брзата мода не е бесплатна, некој плаќа за неа. Кое е нејзиното влијание врз секојдневниот живот?
– Технологијата за производство на облека не е драстично променета и модернизирана во последниве 50 години. Зошто? Затоа што трудот (експлоатацијата) е сè уште поевтин од иновацијата. При создавањето на една обична маица таа мора да помине низ неколку раце. Памукот од полето е најчесто посеан, одгледуван и набран од човек. Потоа, конецот е измиен, обоен, вртен на предиво и ткаен (најчесто од машина, но сепак управувана) од човек. Кроењето и шиењето се направени од човечка рака. Пакувањето, транспортот и поставувањето на закачалка е од неколку луѓе. Помислете на целиот овој синџир од луѓе. Прашајте се за колкава сума работеле сите тие ако вие сега в раце ja држите таа маица и размислувате дали да ја купите за 300 денари.

Што треба да се промени во модната индустрија за земјата да биде подобро место за живење?
– Модните брендови се приклучуваат кон глобалните гиганти да ги усвојат зелените иницијативи за доброто на животната средина. Невладината организација „Гринипис“ успешно ги убедува брендовите да ги отстранат токсичните хемикалии, „Канопи“ ги зачувува загрозените дождовни шуми од завршувањето како вискозна ткаенина, а НРДС се обидува да ги исчисти синџирите на снабдување. „Фешн револушн“ прерасна во глобално движење, кое говори за потребата од трансформирање на начинот на кој ја произведуваме и користиме облеката и секогаш гласно прашува кој ги создал облеките што ги носиме. Сите овие чекори се од огромно значење, но не треба да заборавиме дека и ние сме дел од целиот овој синџир. Да се биде одржлив моден потрошувач е многу полесно отколку што мислите.

Колку е важно рециклирањето облека? Како се справуваме ние со текстилниот отпад и како треба да се справуваме?
– Од производството на облека во Македонија, околу 16.600 тони годишно е текстилен отпад, што претставува околу три проценти од цврстиот отпад на земјата. Поголемиот дел од него се согорува на депониитe. При уништувањето се ослободува метан, штетен гас со ефект на стаклена градина. Додека памучните парчиња се разградуваат околу три месеци, на синтетичките ткаенини, како полиестер и ликра, некогаш им се потребни и стотици години.
Среќа во несреќа во нашата земја е што 97 отсто од производството е лон-производство, односно шиење за брендови од надвор, кои праќаат материјал колку што е потребно за нарачката и најчесто не остануваат големи вишоци што би завршиле на депониите.

Облеката не смее да ѝ наштети на планетата, ниту пак да ги експлоатира луѓето. Потребна ни е радикална и револуционерна промена. Како ние како индивидуалци треба се вклучиме за да бидеме модно револуционерни и освестени?
– Потрошувачите имаат моќ да ја променат модната индустрија, но повеќето не размислуваат за тоа. Тие што купуваат не се грижат, а тие што се грижат не купуваат. Бојкотирањето на модните марки не помага да се реши проблемот. Пратете им порака, пишете им на социјалните мрежи, посочете им што треба да променат. Пронајдете добар кројач со кој ќе ги прекроите старите парчиња од вашата мајка/баба и дајте им нов живот. Не срамете се да купите винтиџ-облека. Организирајте размена со пријателките или донирајте ги облеките што не сте ги облекле последниве две години. Погледнете што се крие во заднината на излозите и на каталозите на омилените модни марки. Проширете ги видиците и научете нешто повеќе за луѓето што ги создаваат вашите парчиња облека. Пронајдете значење во она што го носите. Ова не подразбира губење на трката или жртвување на вашиот моден стил. Тоа е освојување филозофија што ќе ве претвори во совесен граѓанин. Човекот што ја цени облеката паметно инвестира во долготрајни парчиња, поддржувајќи ги дизајнерите на кои етиката и транспарентноста им се во јадрото. Тие нека ве инспирираат, охрабруваат и мотивираат.