Албино панда која е целосно бела за првпат беше снимена во дивината во бамбусовите шуми во Кина, пренесуваат странските медиуми.

Снимката била направена во април на инфрацрвена камера во националниот природен резерват „Волонг“, на приближно 2.000 метри надморска видочина во југозападната кинеска провинција Сечуан, изјавиле органите за управување со резерватот.

Ли Шенг, истражувач од универзитет во Пекинг, за Си-ен-ен изјавил дека никогаш досега не била снимена албино панда која е потполно бела во дивината.

– Пандата е веројатно стара една или две години. Таа изгледа силно и нејзините чекори се стабилни. Тоа е знак дека генетската мутација не и попречува во живеењето – изјавил Ли.

Од природниот резерват планираат да постават повеќе инфрацрвени камери со цел да го набљудуваат растот на пандата и како реагира на другите џиновски панди во околината.