Арктички Океан, кој поради глобалното затоплување ја губи ледената површина, директно придонесува за пообилни снежни врнежи во Европа, како на пример во 2018 година, кога се случи леден бран, според новообјавеното истражување.
Тој бран, кој парализира голем дел од северна Европа, во февруари и март 2018 година, само Велика Британија ја чинеше повеќе од милијарда евра на ден.
Според студијата објавена во списанието „Нејчр геосајенс“, таквите големи снежни бури биле директен резултат на „ненормално топлите“ води во Баренцово Море, кое неколку недели пред феноменот останало без околу 60 проценти од неговата ледена површина.
Тој леден бран во Велика Британија беше наречен „чудовиштето од исток“, во Шведска „снежен топ“, а во Франција феноменот „Москва – Париз“.
Во студијата се заклучува дека Баренцово Море без мразот ќе биде главниот извор на влага за континентална Европа и ќе биде причина за обилни дождови или снежни врнежи, а тоа ќе влијае на инфраструктурата и сообраќајот.

– Тоа ќе значи нарушување во снабдувањето со храна и гориво и уништување на посевите. Можеби изгледа чудно што затоплувањето на Арктички Океан предизвикува поголем снег во Европа, но природата е сложена и што се случува на Арктикот не останува само во Арктикот – се предупредува во студијата што ја предводела Хана Бејли од универзитетот „Улу“ во Финска.
Според пресметката на истражувачите, од тоа море испариле 140 гигатони вода, со што настанале 88 проценти од влагата што како снег падна во Европа.