Раперот Пост Малоун е големиот победник на музичките награди „Билборд“. Тој си замина со вкупно девет награди, меѓу кои и онаа за најдобар изведувач.

Осум негови трофеи беа доставени во количка од водителката Кели Кларксон, која ја турна кон него.

– Не можам да те допрам, па морам да ти ги донесам на тркала – се пошегува пејачката.

Остин Ричард Пост алијас Пост Малоун ги собра и трофеите за рап-албум, рап-изведувач, машки изведувач и други.

„Почестен сум од вашата љубов тука вечерва,“ рече тој прифаќајќи ја главната награда.

Тричасовната церемонија, која првично беше закажана за април, се одржа во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Многу изведувачи настапија лично, но немаше публика во живо.

Поради доцнењето, шоуто воглавно славеше хитови од минатата година, со тоа што Лил Нас Икс однесе четири награди за неговиот хит сингл „Old Town Road“.