Постхумно излезе од печат поетската книга „Песни на мојот живот“ од Зафир Хаџиманов. Книгата е избор од неговите најдобри песни, а е во издание на издавачката куќа „Македонија презент“ од Скопје. Во неа, меѓу другите, се објавени песните: „Како Вардар“, „Не се давај, Скопје“, „Љуби ме и главата горе“, „Да си мерак песна“, „Од љубов не се бега“, „Љубов-песна“, „Човек“, „Животот е живот“, „Испокинати денови“, „Ај чао, нема веќе“, „Има ли“, „О, песна“, „Шансони на хартија“, „Театар“, „Би сакал“, „Еј, љубовта“, „Ништо“, „Народен пејач“, „Сонце“, „Пес“, „Едноставна песна“, „Песна за пеење“, „Азил“, „Братска песна“, „Финале“ и други.
Изборот на песните го направи и го напиша поговорот во книгата писателот Иво Митев- Жиле. Тој во поговорот, со наслов „За поезијата“ на Зафир Хаџиманов како поет на два јазика, меѓу другото, вели: „Зафир Хаџиманов е уметник што дише на два јазика, успешно спојувајќи ги глумата, поезијата и песната, докрај вљубен во пеаната поезија. Успешно поврзувајќи ги музичките поднебја, правејќи го тоа со крв, пот и солзи, многупати бил пионер и придонел за просперитетот во неговиот занает или, поубаво кажано, занаети… Неговите дела што се од неговиот домен, на кој и да се јазик создадени, имаат искрен пристап, создавани се од срце, посветени се на неговата верна публика и тој целосно стои зад нив. Неговата уметност е светол пример во нашата уметност како треба да се негува една култура“.
Книгата „Песни на мојот живот“ од Зафир Хаџиманов е објавена непосредно пред отворањето на актуелниот Саем на книгата во Скопје и може да се набави на штандот на издавачката куќа „Феникс“.