Време на брзање, отуѓеност, хроничен недостиг од време за нас и за другите – е сликата што можеби најдобро ја отсликува сегашноста во која живееме. Додека воздивнуваме дека веќе не можеме да живееме на тој начин, затоа што сме уморни од секојдневната трка, денот завршува, а изгледа како само што не започнал. Станува веќе симптоматично тоа што постојано брзаме некаде и се чини дека никако не стигнуваме до нашата дестинација. Постарите генерации велат дека тоа не било случај порано, а оние во средни години се сеќаваат и на уште помирни денови.
Навидум наивното прашање дали времето забрзува, можеби и не е толку наивно ако го немаме онолку колку што ни е потребно за да си се посветиме себеси или на нашите блиски.

Некои научници тврдат дека времето е забрзано за секунда, а луѓето не го ни чувствуваат тоа, но честопати знаат да го користат како изговор. Други, пак, сметаат дека времето воопшто не поминува побрзо од порано, туку во денешно време постојат многу нови начини за непотребно губење време, а еден од нив е очигледно интернетот.

Една од причините што луѓето се жалат на недостиг од време е всушност нивната лоша организација. Постојат луѓе што и покрај тоа што имаат премногу обврски, секогаш стигнуваат да ги завршат навреме.
Од друга страна, пак, се оние луѓе што објективно имаат многу помалку обврски, а постојано се жалат на недостиг од време и никогаш не можат да го постигнат она што го планирале. Поради тоа, добрата организација е еден од начините за да се избегне чувството дека не ни останува време за ништо. Доколку научиме вештини за подобро организирање и планирање на обврските, со текот на времето стануваме позадоволни, а со самото тоа повеќе нема да имаме впечаток дека времето управува со нас, туку ние со него.

Постои теорија дека може да успееме да го „измамиме“ времето, односно да го забавиме со тоа што подобро ќе се забавуваме. Бидејќи имаме помалку возбудливи моменти во староста, ние ја изоставуваме оваа можност за „измама“.
– Деновите секогаш течат со иста брзина, но со текот на годините се чини дека нашите родендени стигнуваат многу побрзо отколку во младоста. Едно објаснување е дека на одредена возраст се впуштаме во рутина, веќе немаме толку многу забавни искуства, така што ни се чини дека времето забрзало – посочува научничката Клаудија Хамонд, која се занимава со оваа тема.

Многу научници тврдат дека иако времето всушност не забрзува, тоа се случува со нашата свест. Сето тоа се врти околу вибрациите, бидејќи атомите вибрираат за да создадат 3Д-реалност. Едно од научните објаснувања е дека како што атомите вибрираат побрзо, се создава илузија за забрзување на времето. Всушност, нашите тела сметаат дека нешто се случува, но тие не можат да објаснат што, па затоа се му припишуваат на времето.